Европа | 16.05.2008
Меркел на самитот ЕУ - Латинска Америка
Денеска во перуанскиот главен град Лима се собираат делегации од 27-те членки на ЕУ и на 33 латиноамерикански држави.
Една од главните теми е борбата против сиромаштија, покрај заштитата на климата и проблемите со снабдувањето со енергија. На самитот ќе учествува и германската канцеларка Ангела Меркел, која на билатералната средба со перуанскиот Претседател Алан Гарсија вети зголемен ангажман во борбата против сиромаштијата на јужно-американскиот континент.
Медиумите се „острат“ за средбата Меркел - Чавез
Спроти денешниот самит големо внимание медиумите и’ посветуваат на конфронтацијата меѓу лево ориентираниот Претседател на Венецуела, Хуго Чавез и германската канцеларка Ангела Меркел. Чавез имено неодамна во едно ТВ шоу ја сврсти канцеларката блиску до Адолф Хитлер, а подоцна во друга прилика и’ се подсмеваше. Гостинката од Берлин, која се наоѓа на турнеја по Латинска Америка, до сега не се впушти во вербален дуел со Претседателот на Венецуела.
Три главни теми на самитот
Што се однесува пак до главните теми на дневниот ред на самитот во Лима, ЕУ го критикува трендот на подржавување во енергетскиот сектор на земјите од Латинска Америка. Со тоа се заплашуваат странските вложувачи, предупредува Брисел. Унијата инсистира исто така и на конкретна спогодба околу целите за заштита на околината, што како се доближува самитот, така станува се’ понеостварливо. Затоа евро-комесарката за надворешна политика Бенита Фереро Валднер веќе размислува за следната прилика:
„Сакаме во секој случај да работиме за следната голема конференција во Копенхаген. Посакуваме да постигнеме договор за заеднички цели, но во моментов допрва разговараме за општата насока, а не за конретни бројки - до таму уште не сме стигнале.“
Домаќинот на самитот, перуанскиот претседател Гарсија сигнализираше согласност на пример околу заштитата на прашумите во Латинска Америка. Бидејќи тие апсорбираат огромни количества јаглерод диоксид, кој најмногу ја загрозува светската клима, Европејците би требало да одобрат кредити за одделни еколошки проекти во регионот.
„Решавачкиот предизвик е сите луѓе да имаат удел во технолошкиот напредок, демократијата и благосостојбата. Тоа значи меѓутоа и околината да не се жртвува во засилениот стопански развој.“
Еколошко био-гориво
Канцеларката Меркел и шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо се залагаат за поеколошко производство на био-етанолот. Бразил како најголем светски извозник на био гориво, но и другите земји од Латинска Америка, би требало да се обврзат дека нема да уништуваат прашуми за да се ослободи простор за садење шеќерна трска од која се произведува био-етанолот. Главната порака гласи дека ЕУ ќе увезува само такво био-гориво кое не ја уништува околината.
Конечно, ЕУ и земјите од Јужна Америка ќе разговараат на самитот и за договорите за слободна трговија. И овде не се очекува голем пробив, бидејќи преговорите во таа насока напредуваат со земјите од Централна Америка и оние од Пактот на Андските држави. Преговорите со трговскиот сојуз Меркосур меѓутоа се во застој.










