Трендови | 09.07.2008
Бегство од реалноста во Боем Соваж и старото време
Еднаш месечно приврзениците на монденските 20-ти години на Берлин, се собираат на забави организирани од друштвото Боем Соваж. Во гардероба од тоа време, танцуваат, пијат и лудуваат небаре е крај на светот.
Оксиморон во Пренцлауер Берг, Балхаус или БКА Тетарот во Кројцберг ...Тоа се дел од локациите кои повремено се вистински времеплов. Места, каде посетителите во само неколку часови ги живеат бурните дваесетти години од минатиот век на Берлин..
Како во филм
„Во Кабаре се се случуваше во Кит кет клубот. Во Берлин, клубовите се различни, но организатор е еден - “Боем Соваж - Друштво за монденска забава” кое на своите членови им обезбедува враќање во минатото - со музиката и атмосферата од тоа време, па секој еден за неколку часа го живее сопствениот сон. Во Кабаре, Сели Боул беше ѕвездата околу која се се вртеше. Во Боем Соваж тоа е Елзе Еделштал која пред повеќе години започнала со организирање домашни забави каде се негувал стилот од дваесеттите. Вели интересирањето било големо, па така се роди идејата да се основа Боем Соваж. Ја прашуваме Елзе откаде љубовта кон 20-тите?
Берлин - културна престолнина
„Тоа е долга приказна. Она што како модерен човек од 2008-та ме фасцинира е паралелата на сегашното со тогашното време. Што се имаше тогаш. Периодот меѓу двете светски војни и Вајмарската Република беше исклучително модерен.Многу работи се сменија во таа деценија.Со векови имаше монархија и одеднаш се случи републиката. Како феномен се роди еманципацијата. Жените се ослободија од корсетите. Почнаа да носат и машки костуми. Добија право на глас. Се појави езотериката, нудизмот, спиритуалноста.. Сето тоа потекнува од 20 тите години”.
Како кажува, интересно е што во 20-тите и покрај големата сиромаштија, имаше неверојатно голем број културни случувања. Имаше кина, театри, варијетеа многу повеќе отколку што ги има денес. Тоа беа најблескавите години на Берлин. Сиот свет сакаше тука да живее. Свое место во метрополата бараа многу уметници, креативци... Слично се случува и денес.
И денес има теми за заборав
Значи и тогаш, а и сега Берлин живее боемски. Затоа и името - Боем Соваж кое ги собира сите оние кои на било кој начин се врзани за уметноста. Кои не се штедат и во ова време лудуваат, танцуваат, пијат, се коцкаат. Сакаат да ги заборават секојдневните грижи.
Ако се има предвид дека по лудите дваесетти, Берлин ги преживеа и триесеттите години кои значеа крај на многу позитивни трендови, ја прашуваме Елзе дали желбата за заборав доаѓа и стравот од иднината:„Тешко е да се каже. Тогаш, во дваесетите невработеноста беше она од што се бегаше и што поттикнуваше да се танцува врз вулкан. Тогаш СПД беше во центарот, десно беа националистите, а на другиот крај комунистите и сите меѓусебно се конфронтираа. Работите се прекршија врз Вајмарската република. Во ова наше време, во 2008-та нема такви екстреми ситуации, зашто сите нешто научивме од историјата. Но, има други жешкии теми: климата, се што се слулчува во Кина и сл. Има мрачни сценарија што се ќе се случува со загадувањето, со животната средина и можеби навистина еден ден ќе се танцува врз вулкан...
Гости од сите формати
Овој танц за оние кои сакаат барем еднаш да се одлепат од реалноста е еднаш месечно кога Боем Соваж ги отвора вратите за своите приврзаници. Даниел Малор, салонски тенор како самиот се претстави е задолжен за гостите кои пристигнуваат во Боем Соваж. Вели дека е пеач. Настапува пред локалот и ги забавува гостите додека чекаат пред влезот во опашка. Во редицата има место само за оние кои благовремено се пријавиле или купиле влезница. Друштвото е ексклузивно по многу нешта. Има гости од сите бои и формати. Млади и стари, студенти, професори, уметници, директорти, адвокати, лекари, но и млади, и позрели кокети
Кодекс на облекување
Има строг кодекс на облекување. Гостите мора да бидат во стил на 20 тите. Или обично кажано преправени, костимирани. Има многу кои долго се подготвувбаат за вечерта Ова е препораката од поканата и куќниот ред: влез е можен со дефинирана облека. Лепезата е широка и стилот е: боемски, бурлески, кабаре, кан-кан, денди, декандент, гала, гламур, жиголо, мафиа, молен руж, дваесетти, триесетти, вариете... Се само не: обичниот џинс.
Посетителите ова го почитуваат. Жените како да се натпреваруваат која ќе има поинтересен и поекстравагантен фустан. Има многу штрас, пердуви и шаренило од бои. Шапки, траки, ракавици, долги муштикли и турбани. Шалови и дебели потпетици.И пред се интензивно нашминкани лица, фризури со брилјантин, долги гердани, големи минѓуши, голи грбови, но и дами во машки костуми, со трегери, кравати и качкети.
И мажите како да се на писта. Со класични костуми со дворедно запетлување, лептирки, свилени шамии, монокли, шешири, дебели цигари... Сите долго се подготвуваат, особено околу облеката. Во Берлин има шнајдери кои шијат склучиво облека од 20-тите години. Има и секнд хенд дуќани каде може да се најдат оригинални костуми и фустани од 20-тите, како на пример „Глен Чек” или „Мини” - специјализиран за долна облека од тоа време.
Дека вечерта е нешто посебно возбудено кажува Луси. Облечена во модро син фустан, со шапка, ракавици и ташничка како да излегла од рекламите во весниците од дваесеттите. Кажува дека докго се подготвувала. Со малку нервоза и со многу ќеиф. И Тим се токмел долго за вечерта. Со светната и измазнета коса, на комплиментот за неговата облека задоволно појаснува декам костумот го наследил од татко му. А тој, пак, го купи на оглас. Автентичен е од 20-тите години.
Музиката и танцување - магнет
Свинг и неосвинг, чарлстон, танго, латино... музиката е магнетот кој е темел на атмосферата во Боем Соваж.
На почетокот на секоја вечер музиката е од 20-тите, 30-тите, 40-тите години од минатиот век. Подоцна се меша со модерни обработки на таа стара музика. На крајот на забавата може да се чуе и „Ча-ча-ча” и звуци од 50-тите, се што придонесува за атмосферата на еден нов свинг . Во оваа смисла Боем Соваж не е целосно автентичен на тоа време, туку идејата е старата музика и натаму да се пренесе, зашто сепак живееме едно друго време.
На подиумот има вистинска тисканица. Многу разиграни мешани и хомо-двојки, но и атрактивни блондинки кои танцуваат соло! Во вртлогот на музиката, алкохолот, емоциите и заборавот како да сакаат да потонат сите.
Игри на среќа
За дел од забавата се грижат и посебни конферансијеа, уметници, танчери и танчерки. Секогаш има по некоја нова и оригинална игра за публиката. Стандардна е само коцкарницата! Околу коцкарските маси не може ни да се пријде. За игра со многу фалш пари чекаат лажни аристократи со “сина крв” кои имаат исто измислени имиња: Грета Сандерс, Франц Фердинанд, Барон вон Живковиќ, Лоти, Фец Врекер. Еден меѓу нив со коментарот:
" Се викам Евалд. Јас сум мал скормен човек и немам многу пари. Невработен сум и се коцкам за да ги подобрам моите финансии. Се надевам на среќа зашто никој друг во оваа ситуација не може да ми помогне. Тука во “Боем соваж” се игра на големи влогови. Во 20 тите имаше голема инфлација и затоа и сега играм на 20 - 30 милиони”
На прашањето што ќе купи со силните милиони, кои патем кажано се лажни пари како и многу други нешта Евалд одговара:„Леб, можеби кравата или нешто слично за наредната забава на Боем Соваж”!












