„Германската конјуктура од интензивното одделение е префрлена на рехабилитација, но се‘ уште не може да се каже дека целосно закрепнува.“Денеска во Бундестагот треба да се усвои буџетот за тековната година.
Буџетот за 2010 година е највисок досега
Ова е буџет каков што досега во Германија немало. Сојузот, оваа година, планира да потроши околу 320 милијарди евра, а една четвртина од оваа сума мора да ја финансира со кредити. Со тоа и онака превисоките долгови на Сојузот ќе се зголемат на 1,7 илјади милијарди евра.
Зелените предвидуваат трикратно зголемени долгови
Опозицијата предвидува дека христијанско-либералната владина коалиција би можела уште повеќе да ги зголеми новите долгови зависно од тоа како ќе се развива економската и финансиска криза, појаснува експертот на Зелените за финансиски прашања Александер Бонде: „Ако се погледне какви задолжувања се предвидуваат за да се спасат банките, што е во буџетот предвидено како задолжување за конјуктурните пакети и какви ризици ги чекаат германските фондови, ако се биде искрен, тогаш ќе се признае дека рекордното задолжување не изнесува 80 милијарди, туку 126 милијарди евра. За да биде јасно - досегашното рекордно задолжување од 40 милијарди евра од повторното обединување на земјата, ќе биде зголемено трипати.“
Ото Фрике, претседателот на комисијата за буџетот во германскиот Бундестаг (ФДП)
Сојузната влада, пак, изјавува дека истото би морало да го направи секоја влада во услови на криза. Според портпаролот за финансиски прашања на Партијата на слободни демократи (ФДП) Ото Фрике, со мерките за штедење спроведени во текот на договорите околу новиот буџет владата го намалила новото задолжување за неколку милијарди евра: „Со буџетот за 2010 година го направивме првиот чекор во насока на кочење на задолжувањето. Не ни‘ веруваа дека ќе ги намалиме трошоците, отфрлија многу од нашите предлози за штедење. Ќе продолжиме и понатаму и верувајте, со буџетот ќе биде исто како со времето оваа недела: започнува пролетта, а за тоа е заслужна и владата.“
Партиите на Унијата и СПД не се оптимистични
Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле е загрижен поради долговите
Во партиите на Унијата не се толку оптимистични. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле не ја крие загриженоста поради високите задолжувања. Според него, во наредните години треба консеквентно да се штеди и, во истовреме, да се промени економската и финансиско-политичката состојба: „Имено, постепеното повлекување на преголемото количество капитал на пазарот, кој може да биде причина за создавање нов финансиски балон. Постепено редуцирање на превисокиот државен дефицит, без притоа да ја загушиме нежната билка на повторниот економски пораст. Да, така моравме „танцуваме по оган“ за време на советувањето околу буџетот деновиве.“
Портпаролот на СПД за буџетски прашања Карстен Шнајдер
Танцување по оган, кое според опозицијата, е неуспешно. СПД ја обвинува владата дека штеди премалку на погрешни места. Портпаролот на социјалдемократите за буџетски прашања, Карстен Шнајдер, ги критикува намалувањата на даноците што ги предвидуваат ЦДУ и ФДП. Тие, според СПД, се подарок на христијанско-либералните избирачи и парите се попотребни на друго место: „Ние сме во многу критична ситуација, а вие не правите ништо друго освен што ја водите економијата и финансиите во погрешна насока.“
Став, кон кој се приклучува и шефицата на Партијата на левицата Гезине Леч, која во буџетот 2010 не наоѓа ништо добро: „Тој е добар за шпекулантите и лош за невработените. Тоа е неправедно и луѓето не можат да го прифатат“, вели Леч.
Автор: Сабине Кинкарц / Јасна Мушиќ-Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска