1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Македонија  | 26.03.2008

Нов предлог од Њујорк

Не е постигнат напредок во разговорите меѓу Македонија и Грција со посредство на Метју Нимиц околу спорот за името, откако и неговиот последен предлог не доведе до компромис меѓу двете страни.

Медијаторот Метју Нимиц на вчерашната нова рунда преговори во Њујорк излегол со нов предлог за решавање на спорот кој содржел географска одредница, но како што и самиот изјави, тоа не е предлог кој ги задоволил ниту Атина, ниту Скопје.  „Во него има елементи од претходните предлози. Не е 100 проценти од она што го сакаат Скопје и Атина, но се надевам дека владите на двете земји ќе го разгледаат сериозно како можност за постигнување разумен компромис.“ рече Нимиц.

Преговорачите Василакис и Димитров се враќаат во своите земји за да им го пренесат последниот предлог, за кој Нимиц не сакаше да даде детали, на домашните влади.

На една недела пред Самитот на НАТО во Букурешт на кој Македонија се соочува со грчко вето доколку не се реши спорот се помали се шансите дека ќе се најде решение. Тоа во интервју за Вашингтон тајмс го потврди и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

„Немаме големи очекувања од преговорите“, изјави Милошоски за весникот. Тој во интервјуто вели дека на преговарачот Димитров му биле дадени инструкции да учествува во разговорите колку за да не и се даде повод на Грција да го блокира приемот на Македонија во НАТО.

Медијаторот Нимиц по синоќешната средба рече дека е свесен оти времето ги притиска и двете страни да најдат решение до самитот во Букурешт, но одби да го ограничи временскиот простор за евентуален договор.

„Не постои временски лимит за овој процес. Знам дека постојат други прашања во светот кои притискаат, кои се чувствителни, но овој процес на ОН го нема тој временски елемент. Јас не верувам во давање временски рокови, и не мислам дека тоа е полезно решение“.

 

По вчерашниот негативен епилог од разговорите Нимиц делумно се дистанцираше, изјавувајќи дека решението за спорот во иднина нема да зависи од него, туку од владите во Скопје и Атина. Засега нема коментар од претставниците на американската администрација по њујоршките разговори. Се шпекулира дека САД би можеле да го пролонгираат приемот на Македонија во НАТО за неколку месеци додека не се реши спорот, но нема официјална потврда на таквата информација.

 

Борис Георгиевски

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми