ЕУ-Македонија | 23.04.2008
Европскиот парламент гласа за извештајот за Македонија
Европскиот парламент денес ќе гласа за текстот на Ерик Мејер за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија. Името и покрај формулациите на резолуцијата станува критериум за членство во ЕУ.
Во извештајот на холандскиот европратеник ништо не се променува во оценките за Македонија. Тие се позитивни за земјата и во него преовладува мислењето дека многу работи се имаат променето во Македонија и дека таа работи на прашањата за кои беше критикувана.
Известувачот ја фали земјата за спроведувањето на Охридскиот договор, направените законодавни реформи, за зголемената грижа за малцинствата, сепак забележувајќи и’ за дискриминацијата на Ромите. На Македонија и’ се потребни дополнителни напори за да се препорача одредување датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Сепак, Мејер се залага датумот за преговори да и’ биде даден пред крајот на годинава.
Спорот со името преку Европарламентот во Унијата
Наспроти досегашните обиди да се игнорира спорот околу името како работа на ОН, тој преку Европарламентот сега влезе на големата врата и во Унијата, бидејќи станува очигледно дека поради името е загрозена и ЕУ-перспективата на Република Македонија.
„За името е потребно да се најде договор, меѓу двете земји. Не може да се продолжи без договор. Сега е потребно да најдеме решение за фамозното прашање за името и тоа колку што е можно побрзо“ – ни рече Жосеп Дол, претседателот на најбројната парламентарна група во ЕП, таа на народните партии.
Тој одбива директно да каже дека станува збор за воведување на нов, непредвиден услов за членство на една земја во ЕУ.
„Не, да, да! Ви велам дека треба да се најде решение пред една земја да стане членка на Унијата. Ние имаме случаи во кои одевме пребрзо и мислам дека ниту ФИРОМ, ниту Македонија, ниту Нова Македонија, да ги искористам имињата кои се на маса нема да се спротистават да се најде решение пред нејзиното влегување во Унијата, ниту ќе го блокира членството. Но ние треба да побараме да се изнајде решение. Потоа ќе биде полесно“ – додава Дол.
Напредокот на Македонија да се разгледа уште на самитот во јуни
Решението според Европскиот парламент е во репризата на преговорите. Знаејќи притоа дека со сегашната динамика и напредокот на преговорите, компромисното решение е на дофат и тоа повеќе не претставува пречка за членството на Македонија во меѓународните организации, како што тоа е предвидено со времениот договор од 1995 година.
Во предложената резолуција се советува да се разгледа напредокот на Македонија од страна шефовите на државите и владите на Унијата уште на самитот во јуни, и ако се оцени дека таа ги исполнува условите да и се даде уште во јуни датум за преговори.
Пречката за ова можат да бидат само предвремените избори, за кои се бара од властите да направат максимум за подготовка на преговорите за членство во Унијата пред крајот на годинава. Со надеж дека владината коалиција ќе гарантира дека изборите ќе бидат правични и демократски во согласност со изборниот закон.

















