ЕУ-Македонија | 30.04.2008
Европско катче во Македонија
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере и градоначалникот на Скопје Трифун Костовски во библиотеката „Браќа Миладиновци“ го отворија првото европско катче во Македонија.
Преку документи, брошури, навремени информации, па и музиката на ЕУ, граѓаните на Скопје ќе можат да се запознаат со европските вредности, култура, јазик, обичаи и она што можеби е најважното - да разберат што значи и што претставува европската идеја и Европската унија, како таа функционира и како Македонија да дојде до нејзините стандарди.
„Особено ја цениме вашата иницијатива и напори за доближување на европската идеја до граѓаните“. Говорејќи на македонски јазик, амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере синоќа (29.04.2008) ја поздрави идејата за отворање на европското катче во Скопје.
На идентично симпатичен начин возврати скопскиот градоначалник Трифун Костовски кој, пак, порача: „Верувајте би бил најсреќен кога катчето зад мене ќе стане реалност“, истакна Костовски и директно му се обрати на амбасадорот Фуере: „Нам не ни‘ треба катче, нам ни‘ треба закотвување,европско закотвување. Јас повеќе би сакал ова зад мене да не биде музеј, туку сакам Македонија конечно да најде место во ЕУ“, додаде Костовски
Граѓаните треба да се едуцираат
Македонските граѓани континуирано, со години наназад, во огромен процент ја посакуваат ЕУ, сакаат членство во Унијата,затоа што најчесто во анкетите преку неа очекуваат поквалитетен живот. Но, колкумина навистина знаат што навистина претставува Унијата или обединета Европа. Познавачите велат многу малку.
Професорот Димитар Мирчев, претседател на Европското движење во Македонија и еден од иницијаторите на европското катче е дециден дека уште многу треба да се направи на планот на едукација и информирање за ЕУ: „Мислам дека сеуште степенот на решеност да влеземе во Унијата е поголем од степенот на информираност за тоа што значи Унијата, во каква заедница влегуваме, со какви права и обврски, така што мислам дека треба да се преземат порадикални мерки во нашиот систем на образование и во системот на јавно информирање за тие вредности од Европа да се пренесат кај нас“, вели Мирчев.
Слично е и размислувањето на директорот на библиотеката „Браќа Миладиновци“ Филип Петровски, кој вели дека на овој начин европската идеја најдобро ќе се пласира меѓу младите, интелектуалеците и луѓето што читаат бидејќи годишно преку библиотеката минуваат најмалку еден милион почитувачи на пишаниот збор: „Сеуште европската Унија и европската идеја се многу далеку од Македонија и мислам дека на овој начин преку вакви акции ќе го помрднеме познавањето на работите на малку повисоко едукативно ниво“, објаснува Петровски.

















