1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Трендови  | 09.05.2008

Проституцијата во Германија се’ повеќе се развива во нормална стопанска гранка

Ставот на земјите од ЕУ кон „најстариот занает на светот“ е многу различен. Додека во инаку либералната Шведска проституцијата е забранета, во Германија таа е легализирана.


Ова ни од далеку не значи дека сите проститутки во Германија сега работат со пријава и регулирани даночни обврски и дека сите проблеми се решени. Но, легализирањето на проституцијата од страна на црвено-зелената коалиција во 2002-та година сепак смени нешто во општествената клима.


Конкретни искуства во легален бордел во Келн


Најголемиот бордел во Европа – вака се рекламира јавната куќа „Паша“ во Келн.

Долги ходници поставени со теписи, исто како во хотел. Лево и десно пред вратите на собите наредени се столчиња, на кои седат дамите кои очекуваат муштерии. Тие се соодветно дотерани, а низ големиот објект на седум спрата се шетаат мажи во потрага по сексуални услуги. Нив ги дочекуваат жени како Александра:


„Доаѓам од Русија, таа не е членка на ЕУ и малку е тешко. Порано бев и омажена. Овде посетувам курс по германски од пред една година. А и во Паша научив многу германски...“


... или како Шива:


„Првиот ден за мене беше како пекол, се’ ми беше одвратно, не се осмелував да направам ништо. Потоа три часа се туширав и само плачев. Си мислев, па тоа би можел да биде и дедо ми. Сега имам 21 година, а тогаш имав 18 и немав многу сексуално искуство...“


Безбедност во легален бордел


Александра, Шива и другите вкупно 100 девојки во борделот Паша овде наоѓаат сигурност. Секоја од нив ја изнајмува собата како во некој хотел, плаќа данок и пензиско и социјално осигурување. Тие поседуваат важни квалитети за денешното забрзано, глобализирано општество: работат без постојан договор, подготвени се на ризици, флексибилни се и дури и мобилни. Може исто да се каже дека овде работат жени од повеќе нации, одколку во кое и да е друго претпријатие во Келн. Во составот се огледува и проширувањето на ЕУ кон Исток:


Структурата е „европска“


„Па би рекол дека жени од Бугарија и Романија во меѓувреме сочинуваат 20%. Унгарија, Чешка и Словачка исто од 15 – 20 проценти. По 20-тина проценти има и од Азија и од Африка. А од Германија има се’ на се’ околу 5 до 10%“ – појаснува директорот на борделот Армин Лобшајд.


Тој има 50-тина години, седа брада, темни пантолони и кошула и не носи никакви златни ланчиња, нема тетоважи по телото. Да го види човек на улица никогаш не би помислил дека има врска со проституција:


„Тоа е имиџ од крими филмовите, некаков бос со голем стомак и три згодни девојки околу него покрај приватен базен, со пура в уста и шише шампањско. Јас во ова клише се вклопувам само до толку што имам стомак и што сум проќелав„ – на шега вели Армин Лобшајд. Тој навистина и потекнува од трговската бранша, има завршено економија и пред 10-тина години се пријавил како економски стручњак на оглас на фирмата. Во меѓувреме тој стана топ менаџер на борделот.


Нормален бизнис, како сите други


За Лобшајд проституцијата е нормален бизнис, услужна дејност, што не го тврди само тој како шеф на борделот, туку и германскиот закон – и тоа од 2002-та година на ваму.


„Од 2002-та проституцијата е занает исто како и продавањето чевли или месо“ – појаснува шефот на полицијата во Келн, Гинтер Рамел. До тогаш проституцијата се толерираше, а подведувањето се водеше како казниво дело.


Од кога Лобшајд стана водечки менаџер на „Паша“ овде се изградени барови и бистроа, како и ресторан за жените кои работат во него. Постојат и станови за нив во близината, на располагање имаат и маникир и фризер, како и фитнес студио, солариум и бутик за облека. Еднаш неделно во борделот доаѓа лекар.


„Структурата во организацијата на ваква куќа е како во нормален хотел“ – појаснува менаџерот Лобшајд и додава.


„Жените си изнајмуваат соби. Колку долго ќе работат, какви гости ќе примаат, што ќе нудат и за какви пари, тоа е сето нивна работа. Остатокот го регулира законот на пазарното работење.“


Вносен бизнис


Секоја соба чини 160 евра дневно. Ако оваа бројка се помножи со 100 (соби односно проститутки) тогаш може отприлика да се насети колку пари се вртат во овој бизнис. Секако менаџерот Лобшајд набројува дека мора да ги покрие трошоците за плати на 50-тината вработени, за обезбедувањето, за разните давачки и даноци... Сепак, ова е вносен бизнис, не крие ни тој:


„Околу профитот не ви кажуваме ништо, но што се однесува до даночните давачки, тие се движат во седумцифрени бројки.“


Што се однесува до изборот на жените, Лобшајд нема никаква врска со тоа. Тие се пријавуваат, ако има место добиваат соба на располагање и додека ја плаќаат можат да останат тука:


„Ако се исполнети законските услови, тогаш нема никакви критериуми за избор. Пазарот решава се’!“


„Ние ги ставаме на располагање собите, им нудиме сигурност, нудиме и административни услуги. Ако некоја жена доаѓа од странство и и’ треба пријава кај надлежните власти или даночна пријава, сето тоа го регулираме ние.“


Како изгледа секојдневието?


21-годишната Шива појаснува како изгледа нејзиното секојдневие:


„Станувам наутро и се средувам, по некогаш одам в град и кај два три попладне почнувам да работам, се шминкам, се дотерувам и стојам пред врата. Ако има многу муштерии некогаш останувам и до 2-3 по полноќ, а за викенд и до 5-6 изутрина.“


Алекс појаснува:


„Комплет чини 50 евра, француски, однос и сето со допирање. За 20 минути.“


Сандра додава:


„Во просек имаме од седум до 12 гости, ако сме посебно добри.“


А планови за иднина?


До кога имаат намера така да живеат?


„Можеби подоцна ќе имам партенрство, сакам деца и семејство.“


„Мислам дека сосема нормален маж не сака жена од бордел за сопруга и за основање семејство. Веројатно ќе ми рече да прекинам со оваа професија и тогаш е крај!“


„Проценувам уште четири години, до 25-та, а потоа ќе престанам. Си поставив јасна граница, колку сакам уште да заработам.“


„Си купив куќа во странство и сакам да отворам хотел или некаков бар – во Тунис.“


Очигледно повеќето од нив сакаат да живеат нормален живот и имаат намера да го напуштат овој занает. Тоа што го нашле патот до легален статус во општеството и имаат каква - таква сигурност во приходите, секако им ги зголемуваат шансите во таа насока.




 

Андреас Бекер

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми



 
Фотографија на денот
ImageOfTheDay