1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Германија  | 16.05.2008

Годишен извештај за безбедноста во Германија

Најголемата закана за безбедноста на Германија и на цела Европа потекнува од меѓународниот тероризам - ова е заклучокот од годишниот извештај за безбедносната состојба.


Минатата година немаше поголеми промени на безбедносната ситуација во Германија ни во квалитативна, ни во квантитативна смисла. Регистрирани се околу 29.000 политички мотивирани деликти, од кои половината се од вербално-пропагандистички карактер. И бројот на членовите на екстремистичките организации од десниот и левиот спектар се движи на нивото од 2006. Службата за заштита на уставниот поредок има евиденција за околу 30.000 до 33.000 лица, од кои само мал број се подготвени на насилство, појнаси надлежниот Министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле при претставувањето на годишниот извештај.


Потребна е будност


Сепак, неопходна е зголемена будност, порача Шојбле потсетувајќи на апсењето исламски екстремисти минатото лето, кои наводно подготвувале терористички напади.


„Мораме да кажеме дека до денес за среќа не се случија терористички напади во Германија, бидејќи подготовките беа на време откриени. Тоа е заслуга на професионалната работа на тајните служби и посебно на Службата за заштита на уставниот поредок. Важна е и нејзината соработка со партнерските служби“ – нагласи Шојбле мислејќи на другите разузнавачки служби од земјата, како и на оние од странство.


Шојбле бара поострени мерки за иследување


И овој пат Министерот за внатрешни работи не ја пропушти приликата да побара легитимирање на политички спорните иследни методи:


„Тука спаѓа и можноста да се влегува во туѓ стан, кога станува збор за одредени лица од кои може да произлезе сериозна закана. Дебата околу оваа тема нема да може да ја одбегнеме!“


За таквите мерки меѓутоа за сега нема парламентарно мнозинство.


Под присмотра членови на Партијата на новата левица


Она што ја разбранува домашната јавност во врска со извештајот за безбедносната ситуација е признавањето на тајните служби дека ја набљудуваат Партијата на новата левица, чии пратеници во меѓувреме седат и во сојузниот и во некои покраински парламенти. Генералниот секретар на партијата Дитмар Барч оцени дека станува збор за дрскост на Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле:


„Владеачката ЦДУ очигледно не е во стојба да води политичка борба со нас и затоа ја злоупотребува тајната служба.“


Тој потсети дека две од покраинските влади имено за Баварија и за Баден Виртенберг и јавно признаваат дека ја следат неговата партија, додека три други дефинитивно ја прекинаа таквата практика. Ова делумно се должи на успехот на некои од политичарите на Партијата на новата левица, инаку наследничка на поранешната владеачка партија на Германската Демократска Република, да добијат судски процеси против набљудувањето од тајните служби.


 

Марсел Фирстенау

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми