1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Германија  | 16.05.2008

Далај Лама ги подели духовите во Германија

Денеска, на вториот ден од петдневната посета на Германија, Тибетанскиот духовен водач Далај Лама ќе зборува за човековите права во конгресната сала на градот Бохум.

Интересот за посетата е огромен, особено бидејќи во јавноста е уште присутно насилното задушување на протестите на тибетанските монаси од страна на кинеските сили за безбедност минатиот месец. Со оглед на политичкиот притисок врз германските политичари од Пекинг да не се среќаваат со Далај Лама, во овдешната јавност се разви и остра политичка дебата околу оваа тема.


Клучно прашање


Треба ли да се манифестира самосвест и неприкриена заложба за човековите права во светот преку официјална средба со Далај Лама или е подобро да не се нарушуваат важните односи со официјален Пекинг? Со ова суштинско прашање деновиве се соочени сите германски политичари и партии. Со оглед на острата реакција на кинеското раководство по минатогодишната средба на канцеларката Ангела Меркел со Далај Лама и заладувањето на меѓусебните односи што следеше – прашањето е и легитимно.


Некои се решија да го примат Далај Лама


Претседателот на Парламентот, Норберт Ламерт, како и двајца негови сопартијци од владеачката христијанско демократска унија, кои се покраински премиери, се решија за средба со Далај Лама. За нив наводно човековите права имаат повисок приоритет од добрите односи со растечката економска сила од Далечниот исток. Ламерт по средбата изјави:


„Ставив на знаење дека меѓу политичките партии во Германија има широка поддршка за напорите за културна и религиозна автономија на Тибет.“


Критика на сметка на шефот на дипломатијата


Еден од покраинските премиери Роланд Кох, кого со Далај Лама го поврзува и лично пријателство, јавно го критикуваше шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер бидејќи не нашол термин за средба со Далај Лама:


„Мислам дека ќе беше подобро доколку господинот Штајнмајер лежерно најдеше половина час без при тоа да ја драматизира средбата со Далај Лама. Да се разговара со Далај Лама е денес сосема нормално!“


Лицемерие на владеачката партија


Шефот на опозиционата Партија на Зелените, Рајнхард Битикофер ваквите критики ги оцени како лицемерна игра на влаедеачката партија. Канцеларката Меркел исто не се среќава со тибетанскиот духовен водач по минатогодишните критики од Пекинг, а зад кулисите го наговори и Претседателот на државата Хорст Келер да не го стори тоа. Од друга страна нејзините сопартијци го критикуваат шефот на дипломатијата од социјалдемократска партија дека се крие од Далај Лама. Ова е проѕирна политичка игра, порача шефот на Зелените, Битикофер.



 

Горан Чутаноски

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми