1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Трендови  | 19.06.2008

Украдено детство

Деца без детство - милиони деца ширум светот се принудени да работат за да се прехранат себеси, па и целото семејство.

Маките на децата ширум светот повторно добија поголемо внимание во светската јавност. Повод беше меѓународниот Ден на борба против користење малолетни деца во работниот процес. Според Меѓународната организација за труд ИЛО преку 218 милиони деца на возраст меѓу 5 и 14 години мораат да работат за да се издржуваат себе, па дури и сопствените семејства. Секако дека станува збор за појава поврзана со сиромаштијата во светот. Затоа ИЛО ги повика сите влади и други надлежни органи да вложат засилени напори сите деца да добијат можност за школување. Меѓу целите на ООН зацртано е до 2015-та година сите деца во светот да можат да завршат барем основно образование.


За многумина од нив меѓутоа тоа се чини само како убав сон. Така е и за голем број деца во Авганистан, кои се приморани или сосема да го напуштат училиштето или паралелно да извршуваат разни дејности за мали пари – од кои зависи преживувањето на нивното семејство.


Какви деца таква иднина на земјата


Децата се иднината на државата. Сепак, за многу од нив иднината не е така светла. Комитетот за човекови права во Авганистан разговараше за состојбата со преку 18.000 деца, кои работат на улица. Никој не знае колку точно деца работат за да го прехранат семејството, но се смета дека нивниот број е најмалку двојно поголем од овој.


Децата и младите извршуваат работи што би требало да ги рабтоат возрасните. Било да станува збор за миење автомобили, за продавање на улични тезги, за продавање вода, за испомош како чираци во мали занаетчиски работилници, за ткајачи на теписи, келнери во хотели и кафулиња, домашни помошнички или чистачки – нивното работно секојдневие не се разликува многу од она на возрасните. Но, наградата се разликува! Најчесто парите што ги добиваат се скромен надоместок за вложениот труд и претставуваат дури единствениот извор на финансии за целото семејство. На пример, за миењето автомобили децата заработуваат од 100 до 200 афгани, ако работат од 6 наутро, до 6 навечер. За споредба: месечната кирија за двособен стан во Кабул е 2.000 афгани.


Со десет години веќе петгодишно работно искуство


Таков е случајот и со Ѓавед. Тој има десет години и веќе 5 години мие автомобили на улица.


„Доаѓам во 7 наутро и останувам до 10, потоа одам на училиште. Кога ќе завршам таму, доаѓам повторно тука и останувам до 6 попладне“.


Детскиот живот во денешен Афганистан е сериозна работа. Скоро и не можат да се забележат деца што си играат. Безгрижни игри, соништа, радост тука не наоѓаат место. Иако повеќето од децата што работат посетуваат училиште, нивните можности за учење се скромни. Нормално, не можат да ги завршат домашните задачи, кога секој слободен момент го користат да заработат малку пари. Кога ќе ги прашате што сакаат да бидат кога ќе пораснат, ќе ви речат доктор или инженер. Но, голем дел од оние кои се во четврто или петто одделение одвај читаат и пишуваат.


Проекти за помош на децата - работници


Од друга страна, пак, се спроведуваат многу малку проекти посветени на посебните потреби што ги имаат децата кои работат. „Медиотека за Авганистан“ е институција што бара нови патишта и стратегии за подобрување на ситуацијата на децата и младите во земјата. Се прават внимателни обиди децата да се наведат да го прават она што го сакаат, за да им се зголеми самодовербата. Размена на ученици меѓу Германија и Авганистан, форуми за заедништво, училишни проекти и истражување на Авганистан спаѓаат во многубројните активности на Медиотеката.


Еден од проектите се вика „Street Bays“ и се состои во тоа што децата добиваат еден вид донатори, кои месечно им исплаќаат онолку пари, колку што би заработиле работејќи на улица. За таа цел, пак, децата мора да ветат дека ќе одат на училиште, а нивното семејство мора да се задолжи да не ги праќа повеќе да работат на улица.


Конкретна помош за школување


Ахамад е едно од децата кое повеќе од една година добива ваква помош од Медиотеката. Во Медиотеката има услови и да ги напише домашните задачи, да научи англиски и правопис и да стекне основни знаења за работа на компјутер. До пред една година миеше автомобили, а сега откако престана добива само најдобри оценки на училиште. Има десет години. За своите поранешни колеги вели:


„Сега ги има повеќе. Доаѓаат и од соседниот град, на 50 километри од Кабул. Некои остануваат кај своите роднини или пријатели и на секои 2-3 месеци се враќаат на кратко дома со парите и останатите средства за живот. “


Според една анкета на Комитетот за човекови права, спроведена во Авганистан, 85% од децата што работат се момчиња. Девојчињата поретко се забележуваат на улица, нивните работни места не се лесно забележливи. Работат како чистачки или, пак, помагаат во кујните. Воопшто и не е чудно што голем дел од нив завршуваат како жртви на лошите работни услови, на трговијата со луѓе или се жртви на сексуална злоупотреба.



 

Горан Чутаноски

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми



 
Фотографија на денот
ImageOfTheDay