Уметност | 19.06.2008
Забава која губи од сјајот, но опстојува
Тајното бакнување беше главната забава за многу тинејџери во авто-кината. Овој привлечен вид забава доаѓа од САД,каде што своите врати пред 75 години ги има отворено првото авто-кино.
Во текот на 60-те години оваа идеја дојде и во Германија . Најстарото европско авто-кино се наоѓа во Гравенбрух кај Франкфурт. Иако неговиот сјај одамна згасна , за некои тоа сеуште е привлечно.
Проекции и за само два автомобила
Може да се седи безгрижно во автомобил , да се пуши без да им се пречи на другите и секако незаобиколното бакнување и мазење. Причините кои привлекуваат се сеуште исти како и во најславните времиња на авто-киното во 60-те и 70-те години од минатиот век.
Иако денес паркиралиштата пред големите филмски платна се главно празни , носталгичните муштерии сеуште го одржуваат во живот авто-киното:
„Филмови пуштаме дури и за само два автомобила, бидејќи луѓето доаѓаат од далеку и би биле многу разочарани. Ние ги услужуваме посетителите со прикажување филмови. Но ако не доаѓа никој , тогаш секако ќе му дојде крај на сето ова“ - вели Ернст Шнајдер кој 40 години работи во авто-киното во Гравенбух.
Холингсхед-татко на авто-киното
Траеше долго пред овој нов облик на забава да пристигне во Германија. Имено уште пред 75 години Американецот, Ричард Милтон Холингсхед ја патентираше својата идеја за авто-кино. Изумителот имено откри дека она што го доживуваме во кино е блиско врзано со возењето автомобил. Во двата случаја им се препуштаме на нови доживувања , а притоа седиме во сопствените седишта. Во јуни 1933 година , Холингсхед во Камден кај Њу Џерси го отвори првото авто-кино во светот. Со тоа беше предизвикана хистерија за овој вид на забава ширум светот. Во текот на 50-те години од минатиот век во САД постоеја 4000 авто-кина.
Доаѓаа само за да пробаат хамбургер
Од 1960-та година разменувањето нежности во автомобилот пред големото платно стана можно и во Германија, во првото авто-кино во Гравенбрух:
„Во Германија постоеја околу 25 авто-кина, а тој број во меѓувреме се намали на околу 10. Многумина доаѓаа во кино само поради хамбургерот. Тогаш немаше Мекдоналдс , така што оваа понуда беше новост““- вели Ернст Шнајдер.
Во текот на 80-те години , таа магија исчезна и завладеа нов бум на домашното видео. Некое време се настојуваше со прикажување на еротски филмови да се привлече публиката во авто-кината.
Оние авто-кина кои опстојале ќе постојат и натаму
Мораше меѓутоа да се внимава филмовите да не прикажуваат порнографски сцени, што секако не можеше да се знае при првото прикажување.
„Ако во филмот се прикажани такви сцени , тогаш тие се исфрлаа а публиката наредниот ден беше многу разочарана. За нив тоа беше измама“- се присетува Шнајдер.
Поголемиот дел од авто-кината ја преживеаја кризата , благодарејќи на верните посетители. Авто-киното во Гравенбрух во тек на едно лето го посетуваат 1000 гледачи. За иднината на авто-кината нема загриженост.
„Оние кои опстојале до денес, ќе постојат и натаму. Доаѓа до преродба на авто-кината. Родителите тоа им го пренесуваат на децата а тие на своите деца“-вели Шнајдер.


















