Европа | 20.06.2008
Зошто се крева толку прашина околу Договорот од Лисабон?!?
На самитот во Брисел Европејците покажаа дека не знаат како да ја надминат кризата по ирското „не“ за договорот од Лисабон. И не само тоа, нејасно е исто така што значи сегашната состојба за кандидатите за членство.
Главниот резултат од самитот во Брисел нема да им влее доверба на граѓаните на ЕУ во нивните политички лидери, а истото важи и за Ирците кои го изгласаа фамозното „не“ за Договорот од Лисабон. Со одложувањето на проблемот за на есен, шефовите на држави и влади навистина не покажаа решителност, каква што граѓаните си посакуваат.
Може ли Унијата и без Договорот?
Клучното прашање сега не е дали Договорот од Лисабон ќе ја доживее истата судбина како и Европскиот устав, туку може ли Унијата да продолжи да функционира врз основа на постоечкиот договор од Ница. Наједноставниот одговор гласи: да, може! Она што и’ недостасува на ЕУ не се толку принципи и постапки за донесување одлуки, туку политичка волја за продлабочување на европското обединување. Нејзе мора да ја најдат националните влади на земјите членки.
А што се однесува до тековните проекти на Унијата, ако лидерите на 27-те членки сакаат да спроведат некој од нив, тогаш тие ќе ја најдат соодветната правна подлога и во важечките договори од Ница. Наредниот претседавач со Унијата, Николас Саркози се чини има намера да се потпре врз овој принцип. Тој сака да оствари натамошен напредок на полето на енергетската соработка, околу политиката на доселување, како и во заедничката одбрамбена политика – и тоа со или без ратификација на Договорот од Лисабон. Прашање е само дали останатите колеги по функција ќе го прифатат таквиот пристап или ќе се заплеткаат во институционалната криза на Унијата.
Договорот само по себе не ги решава проблемите
Впрочем, Договорот од Лисабон сам по себе и не би бил никаков чудотворен лек за сите проблеми на ЕУ. Ако за подобро функционирање навистина и’ треба еден претседател на повеќе години наместо сегашното ротирачко претседателство или пак избран министер за надворешни работи – тоа може да се реализира со одлука на 27-темина без некои големи уставни или реформски договори. Рамноправноста на земјите членки и принципот на консензус по најважните прашања ионака не беа ставени под знак прашање ни во Лисабонскиот договор. Значи: можно е ЕУ да биде среќна и без толку спомнуваниот договор.
Што со проширувањето?
Она што може да биде сериозен проблем, дури и од формално правна гледна точка, тоа е проширувањето. Договорот од Ница, како моментално важечка подлога за функционирањето на Унијата, поставува горна граница од 27 членки. И таа квота е веќе исполета. Франција и Германија сакаат да се држат до пропишаното, Австрија, Словенија и уште некои други земји на проблемот гледаат поопуштено. Тие сакаат да го одржат ветувањето кон Балканските земји и без ратификацијата на Лисабонскиот договор. На ова поле на Унијата и’ се заканува сериозен спор, што ќе станува се’ погорлив како се приближува времето за прием на Хрватска како најсериозен кандидат.
Тоа може да ја разгори повторно и дебатата за конечните граници на ЕУ, како и за концептот на Европа со две или повеќе брзини. Ако на Турција или и на балканските земји им се понуди привилегирано партнерство, а не и полноправно членство, тогаш Европа навистина ќе има две брзини. А можеби и три, доколку се најде некој модел за земјите како Украина, Молдавија и Грузија, кои исто сакаат да станат членки. Врпочем, дискусијата за крајните граници на ЕУ ќе мора да се води – дури и ако сите сегашни членки го ратификуваат Договорот од Лисабон, околу кој сега се кршат копјата.










