Наука | 02.07.2008
Човечкиот мозок се смалува веќе од 18-тата година
Постарите често се жалат на слабо памтење, па се верува дека промените на мозокот се случуваат дури во поодминато доба. Германски научници први докажаа дека волуменот на мозокот се смалува веќе од 18-та година.
Пациентот врзан за тесен кревет полека се лизга низ цевка сместена во огромен апарат. Претстои снимање со компјутерска томографија. На снимката претставена на мониторот се гледа мозокот на пациентот – снимањето се врши без рентгенско зрачење. Со оваа техника се снимени мозоците на 51 маж на возраст помеѓу 18 и 51 година. И тоа во рамки на студијата на Техничкиот факултет на Северна Рајна Вестфалија и Истражувачкиот центар во Јулих.
Бидејќи мозоците на жените и мажите се разликуваат, научниците одлучиле прво да ги истражат мозоците на појакиот пол. Бидејќи, како што вели Катрин Амунтс, на тимот на невролози им беше важно да споредат што послични мозоци во различни старостни возрасти. Очигледно дека таквата појдовна основа беше добра бидејќи се дојде до сосема нови сознанија:
„За прв пат се покажа дека мозокот на човекот се менува уште во релативно раната младост, во периодот меѓу 18 тата и 51 та година. До сега знаевме дека мозоците на луѓето со 60 и повеќе години се менуваат и знаевме исто така дека волуменот на мозокот се смалува многу порано.“
Промените на мозокот зависат од староста
Наспроти сите сознанија за стареењето на човековиот мозок до кои се дојде во последните години, за развојот на мозокот на млад, возрасен човек, се знаело многу малку.
„Знаевме секако дека во текот на детството и младоста мозокот многу брзо се развива , дека се менува, дека се зголемува. Но, периодот помеѓу 20-тата и 60-тата година беше многу малку истражен.Не знаевме дали мозокот воопшто се менува. Ние тие промени ги установивме и ги покажавме на снимките. Се во зависност од староста, промените се поголеми или помали.Кога зборуваме за смалување во кубни милиметри, промените се воочливи уште во младите години.“
Секоја година мозокот се намалува за 0,2 насто
Значи, човечкиот мозок почнува да се смалува уште од 18-тата година.Посебно се погодени одредени региони. Професор Петер Пиперхоф дошол до податоци дека мозокот се смалува за 0,2 насто годишно.
„Се покажало дека пред се погодени областите на малиот мозок, Таламусот и областите на т.н. бела маса. Тоа значи дека се работи за области кои да кажеме се важни за контролата на движењата, пред се за фината моторика, за движењата за кои е потребна многу прецизна контрола.“
Способноста за памтење не зависи од волуменот на мозокот
Значи ли тоа дека мозокот започнува да изумира веќе во 18.тата година, во време кога со студирањето штотуку се започнува?Катрин Амунтс ни објаснува дека намалувањето на волуменот на мозокот не значи автоматски и намалување на способностите. „Можеби тоа значи дека мозокот станал попаметен и дека повеќе не му е потребна толкава маса. Тоа треба допрва да се провери.“
Овие истражувања би требало да помогнат и во изнаоѓањето можности за лекување на болестите на мозокот. Долгорочна цел на истражувачите од Ахен и Јилих е болестите, како што се Алцхајмер да се откријат во што поран стадиум. Бидејќи, оваа болест не избива преку ноќ. На мозокот на погодената особа промените се случуваат десет години пред клиничката дијагноза. Меѓутоа нема симптоми. Поради тоа се планира студија со 1500 луѓе во текот на наредните шест години.










