Балкан | 07.07.2008
Иднината е во рускиот јазик
Во Црна Гора рускиот јазик станува еден од најперспективните, додека незапаметено мал интерес има за српски или студирање на новоформираната катедра по црногорски јазик. Во што е причината?
На катедрата по руски јазик на Фиозофски факултет во Никшиќ, на којашто со години и се закануваше затворање, годинава веќе во првиот рок се пополнети речиси сите места. За споредба, за новоотворената катедра по црногорски јазик биле заинтересирани само тројца, а за српски јазик седуммина. Шефот на катедрата за руски јазик Драган Копривица за Дојче Веле вели дека доаѓа „златно време“ за рускиот. Нагласува дека речиси нема невработени меѓу оние коишто дипломирале. Зголемениот интерес за изучување на овој јазик е се поголемиот број руски фирми коишто се отвораат во Црна Гора.
„За разлика од познатиот филм , Русите доаѓаат, ние сега имаме ново мото коешто гласи - Русите дојдоа. Очигледно е дека се добро пречекани во Црна Гора бидејќи само во Будва веќе има две руски паралелки. Културната клима се менува и тоа е добро“, вели Копривица.
Нема интерес за српски и црногорски
Годинава е регистриран досега најмал интерес за студирање на српскиот јазик, а малку заинтересирани има и за новотворената катедра по црногорски јазик. Отворањето на оваа катедра ја карактеризираат многу контроверзи. Прво не беше усвоено барањето српскиот да се пременува во црногорски, такашто во овие студии има само два различни предмети. Исто така дури сега се прави стандардизација на црногорскиот јазик. Тања Бечановиќ од катедрата за црногорски јазик вели дека малата заинтересираност е поради несериозниот пристап кон целата работа.
„Лошиот резултат од уписот на студиските програми за српски јазик и книжевност е последица на начинот на којшто сето тоа е изведено. Не се исполни барањето од ресорното министерство, едноставно српскиот јазик да се преименува во црногорски. На сето ова му се додадоа и идеолошки конотации и сега дојдовме до катастрофален упис каков што не се памети на овој отсек. Веројатно ова се е последица на нашата заедничка несериозност и недоволна одговорност, бидејќи сите заедно, и од катедрата на српски и на црногорски јазик сме одговорни за лошиот резултат.“
На филозофскиот факултет сепак очекуваат дека во вториот и третиот уписен рок ќе се пријават доволен број кандидати за изучување на српски и црногорски јазик, за да може да обезбедат настава.

















