Балкан | 08.07.2008
Коалицијата во Србија - брак од интерес
Србија доби нова влада која ќе биде прифатена како демократска. Зад ова, сепак останува прашалник, оти во неа е застапена и Социјалистичката партија на екс-диктаторот Слободан Милошевиќ. Коментар на Сања Благоевиќ.
Социјалистичката партија, таква каква што е - нереформирана, со сите актери од владите на Милошевиќ од 90-тите години, всушност побргу му прилега на другиот политички блок, на националистите, кои преџвакуваат вечно исти пароли: Косово е срце на Србија, војните ги започнаа други - а Србија само ги бранеше кутрите Срби воХрватска и Босна, Милошевиќ е најголемиот српски херој. Тие пароли се’ уште спаѓаат во стандардниот репертоар на социјалистите.
Како беше можно таа партија да влезе во коалиција со Демократската партија, која му го израчи диктаторот Милошевиќ на судот во Ден Хаг? Тоа е чист прагматизам, едноставно - стремеж за власт. Во Србија радо се менува страната, посебно ако од тоа може да се профитира, како сега социјалистите. Со коалицијата со Демократите тие можат без проблем да си ги разубават биографиите и да го остават зад себе стариот имиџ, без активно да расчистат со (крвавото) минато.
Социјалистите беа единствениот избор
Демократите, пак, немаа друг избор: коалиција со либералите и со партиите на малцинствата немаше мнозинство, нови избори би чинеле многу, а веројатно не би донесле ништо. Овој пат не доаѓаа предвид екс-премиерот Коштуница и неговата партија, поради преголемите разлики. Значи, останаа само социјалистите.
Тие го знаеја тоа и веднаш почнаа преговори, прво три недели неофицијално, потоа и официјално. Во време на тие три недели социјалистите сторија се’ за да ја кренат својата цена колку што е можно повисоко, официјално преговарајќи за коалиција со ултранационалистичките радикали и со партијата на екс-премиерот Коштуница. Кога многумина помислија дека ултранационалистичка влада е готова работа, дојде пресвртот - социјалистите ја одбраа другата страна.
До кога ќе опстане ваквата влада?
Ним може да им се забележи за многу работи, но сигурно е дека знаат добро да сметаат. За себе извлекоа многу: добија четири министерски места - меѓу нив и министерството за внатрешни работи, двајца заменици на премиерот и претседател на парламентот; местата во управните одбори на државните фирми и да не ги спомнуваме. Пристоен биланс за партијата која ја руинира Србија.
Тешко е да се процени колку долго ќе опстане ваквата влада. Веројатно се’ дотогаш, додека обете страни ќе можат да профитираат од неа. Сосем друго прашање е дали Србите ќе добијат нешто од својата нова влада. Она што таа секако не може да им го даде, е расчистување со минатото, во кое социјалистите имаат удел. А без тоа, пак, национализмот и натаму ќе игра голема улога во Србија и нема да биде отстранета опасноста од нови ултранационалистички пројави.
►◄









