Печат | 08.07.2008
Во чие име решаваат лидерите на Групата Г8?!?
Германските весници денеска во голем број се занимаваат со самитот на групата Г8 во Јапонија. При тоа разгледуваат различни аспекти од средбата.
Весникот „Минхенер Меркур“ се занимава со составот на учесниците на самитот и нивниот легитимитет кога е во прашање решавањето на акутните проблеми во светот, па вели:
„Списокот на проблеми што треба да се решат е предолг, а очекувањата преголеми. Така на крајот не може да се очекува ништо друго, освен учесниците да ја признаат своја немоќ. Драстичните зголемувања на цените на прехрамбените производи и на нафтата, глобалната промена на климата, светската финансиска криза, гладот и војните во Африка, кризните жаришта на Блискиот исток и во Иран – тоа е преголем дневен ред за тридневна средба. На ексклузивниот клуб на осумте најважни индустриски нации во светот му недостасува продорност, решителност, но и легитимација за да можат да поставуваат насоки за изнаоѓање решенија за проблемите“ – смета „Минхенер Меркур“.
За весникот „Лаузицер рундшау“ не се на место ни критиките на сметка на Групата Г8 од страна на сиромашните африкански земји, кои беа поканети на првиот ден од самитот:
„Некои од обвинувањата звучат така, како гладот во Африка да е предизвикан во Берлин, Брисел или Њујорк. Тоа е поедноставување, кое нема да придонесе за изнаоѓање решенија за проблемите поврзани со поскапувањето на прехрамбените производи. Кога луѓето во Зимбабве, Судан или Сомалија умираат од глад, тогаш тоа пред се’ се должи на фактот што тамошните диктатори, корумпираноста на политичарите и бројните граѓански војни ги руинирале тие земји. Затоа беше исправно што лидерите на Г8 го нагласија доброто владеење како неопходен фактор за надминување на кризата. Ништо нема да помогне ако богатите земји само испраќаат повеќе развојна помош во сиромашните. Африканската Унија треба да е во состојба да создаде такви услови на континентот, што овозможуваат натамошен развој.“
Важна тема на самитот е и прашањето на користењето на атомската енергија, поради драстичното покачување на цените на нафтата. Тука Германија се најде осамена, како единствена членка која се откажува од нуклеарките, додека другите најавуваат градење нови, појаснува „Зиддојче цајтунг“ па продолжува:
„По прашањето на користењето на атомската енергија станува збор за разум, а не за мнозинство гласови на самитот на Г8. Ренесансата на атомската енергија на глобално ниво би била своевдина покана до терористите. Што повеќе радиоактивен материјал е во оптек на Планетава, тоа поголема е опасноста некоја од терористичките организации да дојдат до него. Па, може ли Германија тогаш да стори нешто, ако сите други ги затвораат очите пред таквата опасност? Секако: откажувањето на Германија од користењето атомска енергија има улога на пример. Од тоа Германија не треба да се срами“ – нагласува весникот „Зиддојче цајтунг“.


















