Балкан | 14.07.2008
Состојбата на Анастасова критична
Повредената Македонка на музичкиот фестивал „Егзит“ во Нови Сад и понатаму е во критична состојба. По несреќата во која уште едно лице е повредено, а едно загина, градските власти најавија остри санкции.
Лекарите денеска соопштија дека и понатаму е критична состојбата на дваесет и две годишната Дафина Анастасова од Скопје, којашто вчера беше тешко повредена во кампот на фестивалот „Егзит“. Началникот на Ургентната хирургија на Клиничкиот центар во Војводина, Зоран Ѓерманов соопшти дека по вчерашната неврохируршка операција на главата, таа се наоѓа на интензивна нега и се уште е во критична состојба. Анастасова има тешки повреди на главата откако поради невреме врз шаторот во кој се наоѓала, паднала гранка. Ѓорѓе Маркоски од Прилеп кој исто така беше потешко повреден е во стабилна состојба. Ѓерманов потврди дека утринава допатувале и родителите на повредените. Во несреќата загина Србинката, Јелена Матиќ. Рајко Божиќ, портпарол на фестивалот „Егзит“ за Дојче Веле изјави дека организаторите презеле се’ за да не се случи ваква несреќа.
„Преземавме се’ за да не се случи вакво нешто, но се случи. Дали е во прашање виша сила останува да утврди истрагата. На наше барање неколку дена пред фестивалот беше извршена санитарна сеча на дрвата, токму за да се спречи вакво нешто“.
Новосадските власти најавија санкции за одговорните
Градоначалникот на Нови Сад, Игор Павличиќ изјави дека градските власти ќе уврдат кој од јавните комунални претпријатија бил одговорен за санитарната сеча и најави најостри санкции. Судот оформи комисија од инжинери по шумарство кои треба да ја испитаат несреќата. Од истрагата на самото место е веќе утврдено дека паднатата гранка не била ни стара ни трула. Во неделата наутро кога се случи несреќата имало ветар, но тој не бил толку силен како минатата година кога во кампот никој не настрада и покрај олујата којашто беснееше.


















