Печат | 17.07.2008
Чекор во вистинска насока, но недоволен за да се стигне до целта
По вчерашното решение на германската влада за олеснување на доселувањето на стручна работна сила во земјава, две коментаторски видувања со ист заеднички именител.
Во коментарот на Дојче Веле, чиј автор е Сабине Кинкарц, се вели:
„Замислете си дека сте високо квалификуван. Сте ги завршиле студиите со најдобра оцена, веќе неколку години работите, натамошно се доостручувате и специјализирате, добро заработувате. Во меѓувреме можеби сте основале и семејство, сте пронашле пријатели. Накратко, се чувствувате добро, имате свое место во животот, каде и да го живеете во светот. Што би можело да ве наведе да го напуштите досегашниот живот, да се преселите во Германија и овде да работите? Не ви паѓа ништо на памет? Можам да ве разберам. Но, не и германската сојузна влада. Таа и натаму се надева дека ќе може во голем број да привлече академски сили кои имаат искуство, знаење и висока квалификација. Надежта не е нова, но досега не се исполни. Најголема пречка е минималната граница на примања - и досега превисока, а во иднина, кој сака без проблем да се досели, ќе мора да докаже дека заработува двојно повеќе од германскиот просек. Но, кој заработува толку и повеќе? Само стари специјалисти, а не млади, уште поквалификувани академци. А токму такви бара овдешната индустрија, оти се флексибилни и се во потрага по вистинското место за себе. Германската влада, навистина, ги слушна сигналите од стопанството, но не сака да ги сфати“.
„Берлинер цајтунг“, пак, прво укажува на студиите кои со години докажуваат дека доселувањето странски работници носи предност и го поттикнува стопанството, придонесува за намалување на невработеноста и раст на платите, за да констатира:
„Но, сојузната влада се воздржува да ги извлече нужните консеквенции. Со вчера претставената Акциона програма таа само малку го отвора пазарот на работна сила. Тоа се вистински чекори, но недоволни. Сега се одмаздува што токму политичарите на партиите на Унијата и социјалдемократите со години одбиваа доселување и Германија ја зачаурија. Од обѕири спрема избирачите сакаат тој курс да го коригират со мали чекори. Притоа светскиот натпревар за висококвалификуваните, недостигот од работна сила и намалувањето на бројноста на населението бараат храбри решенија. Владата мораше одамна да воведе слобода на доселување за работници од новите членки на ЕУ, да ја ублажи регулативата за доселување, но пред се’ одамна мораше политиката јасно да каже дека доселувањето е збогатување“, коменира „Берлинер Цајтунг“.
►◄












