Наука | 17.07.2008
Ербас користи македонски софтвер за ладење
Ристо Цицонков, професор на насоката термичко инженерство на Машинскиот факултет веќе 28 години изработува компјутерски софтвер за ладење. Софтверскиот пакет веќе го имаат над илјада фирми во светот.
Мошне значајно за македонскиот научник Цицонков и признание за македонската наука е што софтверскиот пакет за ладење неодамна го купи една од водечките светски фирми со врвна технологија, европскиот произведувач на авиони Ербас.
Професор Цицонков појаснува за каков систем станува збор. „Тоа не е само софтвер за ладење туку е и за греење и климатизација и за разни пресметки од термотехниката, односно за топлински разменувачи и разни термодинамички процеси. Пакетот има дваесет компјутерски програми коишто се независни еден од друг.“
Овој софтверски пакет има свои предности и се разликува од софтверскиот пакет што го имаат производните фирми, затоа е и се поинтересен на пазарот. „Овој софтвер што јас го имам изработено е универзален може да се употребува каде било во која било фирма, во суштина методот на којшто е направен овој софтвер се разликува од оној софтвер што го имаат фирмите.“
Претставување на саемот во Нирнберг
Професорот од 1994 година наваму го претставува својот софтверски пакет на саемот за ладење и климатизација во Нирнберг. „Јас одам на саем во Нирнберг во Германија секоја втора година каде што софтверот се презентира јавно, потенцијалните корисници го тестираат, пробуваат, значи тој е изложен јавно на тој саем од таа година, а исто така софтверот е претставен и на интернет.“
Потребна е тимска работа
Тој вели дека врвни македонски производи меѓу кои и иновации се нудат на светскиот пазар со далеку пониска цена од реалната. Но најважното сепак е што сме се поинтересни на европскиот и светски пазар. „Умешност е да покажете дека тоа што го нудите вреди и ние се трудиме тоа така да биде.“ Тој вели дека на врвните македонски научници кои воглавно успеваат како поединци во странство им треба тимска работа, но и поголема подршка од државата. „Има во одредени сегменти некој напредок, во одредени сегменти многу заостануваме. Тој напредок најчесто се заснова на некој труд на поединци. Развојот на една држава не може да се темели на случаен ангажман на поединци. Тоа мора малку поорганизирано да се стимулира.“
Иако е лето професорот Ристо Цицонков неуморно и континуирано работи на усовршување на некои детали од неговиот софтверски пакет, се подготвува за идниот саем во октомври во Нирнберг. Им порачува на младите научници дека патот до успехот е само со макотрпна работа и постојано усовршување на изумот, за да се опстои на се поприбирливиот светски пазар.


















