Трендови | 17.07.2008
И монашки псалми можат да се најдат на топ-листите
Кога пеачки како Мадона ќе се пласираат веднаш на врвот на светските топ листи со новиот сонг, тогаш тоа никого не го изненадува. Но, кога монаси со нивните молитвени псалми ќе го сторат тоа - тогаш тоа е феномен!
Во манастирот Штифт Хајлигенкројц во близината на Виена живеат 77 монаси. Тие му припаѓаат на редот на Цистерцинстерите, едно реформско движење кое се одвоило од редот на Бенедиктинците пред околу 900 години. Нивното секојдневие во манастирот не се разликува многу од она на другите. Кај нив молитвата и работата го исполнуваат денот. Првата заедничка миса се држи рано на утро во 5 часот и 30 минути.
Сепак поинакви монаси
Она што ги разликува од другите монаси тоа е фактот што неодамна издадоа музичко цд, кое изненадувачки добро се котираше на европските топ-листи:
„Никој не сметаше дека може да имаме толкав успех. Во Англија веднаш се најдовме меѓу првите десет песни на топ-листите. Тоа беше своевидна сензација, бидејќи во целата историја само двајца австриски пеачи воопшто успеале да се најдат на тамошните листи на најдобри песни. Ние сме така трети од Австрија кои кога и да е се нашле меѓу најдобрите 10. А во Австрија се разбира цд-то се најде веднаш на првото место како на листата, така и по бројот продадени цд-а“ – објаснува отецот Карл Валнер.
Која е таа фирма?
Целата приказна почнала со едно електронско писмо, што му го испратил некој негов пријател од Лондон. Во него тој му посочил на конкурсот што светски познатиот музички концерн Универзал го распишал за духовна музика. За 45-годишниот монах името Универзал тогаш не значело ништо посебно:
„Интернет страната на Универзал мјузик изгледаше како да му припаѓа на некое здружение за зачувување на традиционалните носии. Си помислив, тоа мора да е некаков клуб од Англија, кој бара монашки хор. Дури со тек на времето, кога течеа преговорите, сфатив за каков мега-концерн станува збор.“
Колку влијаеше посетата на Папата?
Снимките што дојдоа од австрискиот манастир беа избрани меѓу стотиците други учесници на конкурсот на Универзал. При тоа нивните хорски изведби не и’ беа потполно непознати на јавноста. Снимки од нив веќе се наоѓаат на интернет платформата за видеа „youtube“, а манастирот стана уште претходно познат поради посетата на Папата Бенедикт 16-ти минатата година.
„Мислам дека фирмата Универзал ќе не’ одбереше и без посетата на Папата, бидејќи вака пееме веќе со години. Она што ни го донесе средбата со Папата беше умешноста за работа со јавноста. При тоа морам да кажам дека моите собраќа во манастирот не знаат многу за големото внимание што ни го посветуваат медиумите. Внатре во манастирот се’ се одвива мирно и опуштено, како што прилега на секој манастир.“
За отецот Карл Валнер е многу важно што грегоријанските псалми што ги пеат монасите од манастирот Штифт Хајлигенкројц не се во модерен аранжман, туку ја имаат сочувано својата оригинална форма. Текстовите на латински потекнуваат директно од книгата на псалмите во Библијата.
И манастирот е сепак посебен
Штифт Хајлигенкројц сепак важи како модерен манастир, бидејќи во него живеат претежно млади монаси и затоа што во него се' почесто доаѓаат нови кандидати за замонашување. За отецот Карл Валнер таквиот интерес на младите за монашкиот живот и успехот на музичкото цд имаат една те иста причина:
„Мене тоа не ме чуди, бидејќи светот станува се’ помалку разбирлив за многумина. Кај луѓето расте копнежот по мир и јасен поредок, како и по поврзаноста со трансценденталното, со Боженското. Она што сепак ме изненадува, тоа е фактот дека постигнавме баш толкав успех.“
Парите што манастирот ги заработува од добрата продажба на цд-то треба да го олеснат финансискиот товар за обуката на свештеници од Виетнам, Шри Ланка или некоја од африканските земји.
Ќе пеат ли монасите на стадиони?
Во договорот со Универзал стои исто така дека монасите не се обврзани да патуваат и да одржуваат јавни концерти за промоција на цд-то.
„Ни пристигаат многу покани за турнеи, но ние не можеме да се качуваме на бини и да пееме за луќето. Тоа би било противречно на суштината на нашата музика, тоа е имено отпеана молитва до Возвишениот.“
Љубителите на нивните псалми доаѓаат во манастирот
Кога монасите не можат и не сакаат да одат надвор кон луѓето, тогаш барем можат тие да го посетатат манастирот. Откако цд-то стана толку популарно овде во Штифт Хајлигенкројц доаѓаат голем број млади, меѓу нив и овие три млади жени:
„Не’ плени музиката, ја слушнавме на радио и затоа посакавме да дојдеме да ја чуеме во живо. Всушност тоа е роденденско патување, нашава пријателка има утре роденден и ова е нашиот подарок за неа.“
Успехот на музиката не само што привлекува посетители на манастирот, туку го зголемува и интересот за католичката вера – што е и конечната цел на монашкиот ред. За толкавата популарност меѓутоа секако мораат да платат и одредена цена – тивките мигови во манастирот Штифт Хајлигенкројц кај Виена се имено се' поретки.


















