Европа | 21.07.2008
Ирците сакаат да бидат сфатени сериозно
Францускиот претседател Никола Саркози денеска оди во убедувачка мисија во Даблин.Откако Ирците на референдум решија да го одбијат европскиот реформски договор, се бара начин како да се излезе од кризата на ЕУ.
Ирската влада знае дека стои меѓу два огна. Од една страна дека треба претпазливо да постапува со европските партнери кои им се лути поради ирското „не“ за Лисабонскиот договор. Од друга, мора да осмисли нов пакет со кои ќе се избегнат обвинувањата зошто на гласачите по вторпат ќе им го дадат на избор истото прашање. Тоа дека Ирска најверојатно ќе мора уште еднаш да гласа им е јасно на многумина. Француското претседателство до сега не и беше од помош на ирската влада. Никола Саркози буквално рече дека Ирска ќе мора повторно да гласа. Шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер воочи референдумот во Ирска им препорача на Ирците да гласаат позитивно - во спротивно ќе бидат „неблагодарни суштества“.
Дали вториот референдум ќе биде демократски?
Пред да се знае со какво референдумско прашање ќе се соочат гласачите, во Ирска жустро се дебатира околу тоа дали вториот референдум ќе биде демократски. Еден Ирец вели дека на минатиот референдум гласал против.
“Гласав со не, бидејќи имам одредени забелешки. Имам чувство дека Европската Комисија е некако арогантна.“ Патрик смета дека на ЕК треба да и се одржи лекција за да почне да слуша. Поради тоа сега мисли поинаку.
“Лично сум за, бидејќи сум проевропски настроен. Немам ништо против втор референдум. Веројатно на овој би гласал ’за’. Кога Саркози и нему сличните навистина би ги слушнале Ирците, можеби нешто и ќе постигнат“.
Ирците не сакаат ултиматуми
Џон, земјоделец од западниот дел на Ирска е против втор референдум.
“Тоа би било недемократски, дури и ако на тоа инсистира ЕУ. Бидејќи Европа нема да пропадне без Лисабонскиот договор. Јас сум Европеец, но Европа заборави што значи демократија.“ Едно е јасно. Ирците сакаат да бидат сфатени сериозно и не им се потребни никакви ултиматуми од странство.










