1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици


 

Балкан  | 22.07.2008

Караџиќ: лекар, поет и обвинет како воен злосторник

Радован Караџиќ беше водач на босанските Срби и претседател на Република Српска. Судот на ОН за воени злосторства во некогашна Југославија го товари пред се’ за масакрот во Сребреница во 1995-та.

Некого, кому му се припишува одговорност за геноцид на речиси осум илјади муслимани, човек поинаку си го претставува: на многумина Радован Караџиќ им остана во сеќавање како елегантно облечен, со фризура на уметник, сериозен во тонот, дораснат на секоја животна ситуација. Така тој се претставуваше во јавноста пред да премине во илегала пред 12 години, откако судот во Ден Хаг подигна обвинение против него.

Имаше повеќе неуспешни обиди за негово апсење, и по секој таков обид растеше митот за „човекот во планините“, за кого многумина претпоставуваа дека се крие во манастир некаде на границата меѓу Босна и Црна Гора. Како за потсмев на прогонителите и за да остане во сеќавање кај неговите приврзеници, преку лица за контакт тој постојано објавуваше романи, стихозбирки, па дури и книги за деца. Радован Караџиќ - лекар - психијатар со повисоки стремежи и наклонетост кон поезија.


Караџиќ ги реализира заканите


Самонаречениот поет, Црногорец по род, во политиката се најде во 1989-та година, кога ја основа националистичката Српска демократска партија. Наскоро потоа стана јасно во која политичка насока ќе оди претседателот на босанските Срби, во младоста огнен приврзеник на Тито.

Во октомври 1991-ва во парламентот во Сараево им се закани со војна на муслиманите, кога тие побараа независност на Босна и Херцеговина: „Немој да мислите дека Босна и Херцеговина нема да падне во пекол, а муслиманскиот народ може и да исчезне. Муслиманскиот народ не може да се брани, ако дојде до војна“, рече тогаш Караџиќ.

Само половина година по таа седница на парламентот и декларацијата за независност на Босанците, Караџиќ ја турна земјата во пекол - заедно со Слободан Милошевиќ организира поход на српската армија против муслимански единици во Босна.


Караџиќ и Младиќ најодговорни за случувањата во Босна


Тој и армискиот командант Ратко Младиќ, кој и натаму е во бекство, ширеа страв и ужас кај Босанците и Хрватите, иако Караџиќ пред иследници од странство дрско го трвдеше токму спротивното: „Пред војната во Бања Лука живееја 20 илјади муслимани. Сега овде ги има 40 илјади, тие дојдоа од помали села, во кои не ќе можевме да ги штитиме, па сега ги штитиме овде во Бања Лука“.

Наместо тоа, Сараево требаше да изгладни под повеќегодишна опсада, цивили беа мета за снајперисти, а масакрот во енклавата Сребреница стана синоним за брутален геноцид во центарот на Европа по Втората светска војна. Главната одговорност им се припишува на Караџиќ и Младиќ. Во босанскиот главен град Сараево неговото апсење се слави на големо, како задоцнета сатисфкација за семејствата на жртвите.

►◄

 

Андреа Милбергер

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми