Наука | 23.07.2008
Овошје за сите деца од училишна возраст во Европа
Од 2009 година во европските училишта ќе има свежо овошје за сите деца. Со ваквата акција Европската унија сака да придонесе за намалување на прекумерната тежина кај децата
Погрешната исхрана, брзата храна или готовите јадења се најчестата причина поради која децата страдаат од прекумерна тежина. Освен тоа новите медиуми и техники како играњето компјутер се многу поинтересни за младите отколку спортувањето или играњето на улица.
Затоа од 2009 година во европските училишта ќе има свежо овошје за сите деца. Со ваквата акција Европската унија сака да придонесе за намалување на прекумерната тежина кај децата. За оваа цел таа формираше проект наречен „Училишноовошна програма“, за кој годишно ќе се издвојуваат околу 90 милиони евра. Со парите ќе се купува свежо овошје и бесплатно ќе им се дели на децата во училиштата.
Здравата исхрана се учи уште од мали нозе
Европската комесарка за земјоделство Мариане Фишер Боел при претставувањето на програмата неодамна во градот Кел во Германија, изјави дека на тој начин ЕУ се залага пред се’ да се создаде навика кај младите за здрава исхрана.
Според проценки на Европската Комисија 22 милиони деца во ЕУ се дебели. Повеќе од 5 милиони од нив страдаат од прекумерна тежина. Светската здравствена организација препорачува секој човек дневно да јаде 400 грама овошје и зеленчук. Повеќе студии до сега покажаа дека навиката за здрава исхрана во детството, останува и во подоцнежните години од животот.


















