Трендови | 31.07.2008
Почитувани гости, дозволено е пушење!
Пушачите во Германија конечно можат да здивнат. Германскиот уставен суд ја поништи одлуката за забрана за пушење во малите барови и кафулиња, што не можат да овозможат посебна просторија за непушачите.
Ова значи дека во Берлин и во Баден Виртенберг може слободно да се пуши. Судот од Карлсруе пресуди дека законите за заштита на непушачите биле противуставни. Експертите од останатите покраини, каде важат слични закони, треба да одлучат дали и таму ваквите регулативи се во согласност со Уставот.
Забраната за пушење не може да продолжи вака, пресече уставниот суд. До крајот на годината ќе мора да се променат сите закони со кои се регулира пушењето во локалите, бидејќи онакви како што моментално важат во покраините, ги повредуваат основните права на сопствениците на кафулиња и дискотеки, кои во меѓувреме поднесоа жалби до Уставниот суд.
Имено, сопствениците на кафулиња или дискотеки не можат да ги принудат гостите да не пушат, кога државата им дава право да го прават тоа во поголемите локали, каде има одделни простории за непушачи. Ваква делумна заштита на непушачите, или како што велат судиите „концепт за заштита со намален интензитет“ не е пропорционален и не е рамноправен за сопствениците на мали и поголеми услужни објекти. Понатаму, забраната за пушење им ја попречува слободата во работењето на сопствениците на помалите локали, бидејќи на тој начин им се намалува прометот и ја загрозува нивната економска егзистенција. Претседателот на Судот, Ханс Јирген Папиер вели: „Многу пушачи ќе престанат да ги посетуваат овие кафулиња, или, пак, пократко ќе се задржуваат таму, бидејќи забраната за пушење веќе не ги прави овие места привлечни“.
Судот имаше обѕири кон малите кафулиња
Иако е утврдено дека забраните за пушење се противуставни, тие ќе останат на сила до крајот на 2009, додека не се донесат нови законски регулативи.
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Сопствениците со задоволство ќе ги одлепат знаците од влезните врати
Според Центарот за истражување на рак, годишно во Германија умираат по 3.300 луѓе, како последица на пасивното пушење. Но, од целосна забрана на пушење уште веднаш се ослободени малите кафулиња. Сопственикот може на влезната врата да истакне дека пушењето е дозволено ако: прво, влезот е дозволен само за лица над 18 години; второ, ако кафулето е најмалку 75 метри квадратни; трето, ако нема уште една, одделна просторија; и четврток, ако не се приготвуваат јадења. Исто така, веднаш престанува забраната за пушење во дискотеки каде влезот е дозволен само за лица над 18 години. Сопственикот може да обезбеди просторија за пушачи, голема колку просечен ресторан, но без подиум за танцување.
Улрих Ној, сопственик на едно мало кафуле, отиде во Карлсруе за пресудата: „Многу се надевав дека ќе имаат барем малку обзири за малите локали. И имаа. Ова е пред се` големо олеснување, но и мене ми е битно, поради мојата иднина“, вели Ној задоволно.
Пушењето нека го регулираат политичарите
Овие исклучоци во наредната година и половина ќе важат во сите покраини. А, за законите за заштита на непушачите, што се се` уште во обработка, највисокиот германски суд им дава на покраините избор: или да спроведат построги забрани за пушење, без никакви исклучоци, или, пак, законските органи на секоја покраина одделно да продолжат со делумните забрани за пушење, односно пушењето да биде дозволено само во одредена просторија од локалот итн. Претставникот на владата за проблематиката за дрогата, Сабине Бетцинг, сега се залага за строги забрани за пушење, без исклучоци, и тоа по можност на ниво на цела држава: „Уставниот суд сосема јасно нагласи дека ова е вистинскиот начин да се расчисти патот за здравствената заштита на непушачите и дека тоа не мора да стои наспроти професионалната слобода или правата на сопствениците на локали. Се надевам дека во иднина ќе се воведе целосна забрана за пушење, како во Италија, на пример“.
Во секој случај, кога е пушачката проблематика во прашање, германскиот уставен суд и` ја префрли топката на политиката.












