Балкан | 02.08.2008
Србија во ЕУ во 2014-та?
Србија мора во целост да биде подготвена за влез во ЕУ до 2012-та година, за да стане членка на унијата во 2014-та, смета потпретседателот на српската влада, Божидар Ѓелиќ.
Во интервју за денешното издание на весникот „Данас“, Ѓелиќ изразува очекување Србија да добие позитивна оценка од главниот обвинител на Хaшкиот трибунал, Серж Брамерц, што би било основа за донесување одлука на наредниот министерски состанок, на 15-ти септември, за почеток на примена на Договорот за стабилизација и асоцијација на Србија и ЕУ.
Насекаде во ЕУ беше регистрирано олеснување поради тоа што Србите бргу го испорачаа Радован Караџиќ на Хашкиот трибунал. Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ по апсењето на Караџиќ, во Брисел, полн самодоверба застана пред микрофоните и јасно потенцираше дека Србија сака во ЕУ, и тоа што е можно побргу: „Сериозни сме околу нашата иднина во ЕУ. Сакаме во ЕУ, сакаме да бидеме гарант за мирот и стабилноста во регионот.“
ЕУ, сепак - кочи
Испораката на Караџиќ е голем чекор, но не е изоден целиот пат. Не се сите обвинети за воени злосторства на обвинителна клупа, а на таа листа е пред се‘ името Ратко Младиќ. На испорака на Младиќ пред Србија да направи натамошни чекори кон ЕУ, инсистираат пред се‘ Белгија и Холандија. Еврокомесарот за проширување, Оли Рен, затоа со изјава: „Сосема е јасно дека Србија не може да добие статус на кандидат за членство во ЕУ без да ја продолжи соработката со трибуналот за воени злосторства.“
Но, исто така е јасно и дека ЕУ и самата е заинтересирана за тоа Србија да ја врзе за себе што е можно потесно и тоа што е можно побргу. Од аспект на ЕУ, Србија има клучна улога на Балканот. Затоа членството на Србија во ЕУ се гледа како најдобра гаранција за мирен и стабилен развој на Балканот.









