1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија се гради американска амбасада или центар на ЦИА?

18 август 2008

Врската на проблемот со името и бегалското движење по граѓанската војна во Грција, како и изградбата на новата американска амбасада во Скопје се темите кои ги третираме во прегледот на германскиот печат.

https://p.dw.com/p/F0AW

„Шпигел“ во најновото издание по насловот „Амбасада или центар на ЦИА?“, пишува:

„Под велот на најголема тајност во Скопје се гради најголемата американска амбасада на Балканот. Таа се простира на 11 хектари, а според македонските медиуми огромниот комплекс згради под земја би требало да има плус 10 до15 ката. Пристап до градилиштето имаат само луѓето од американската фирма „Браун и Рут“, како и работници на македонската фирма Гранит, кои се обврзани на молчење. Гранит во 80-тите години го градел и подземниот бункер на Садам Хусеин и пролетта 2003-та, при нападот на Багдад, на Вашингтон наводно му ги предал старите градежни планови. Новата амбасада на крајот треба да чини сто милиони долари. Околу гигантскиот објект би требало да има широка безбедносна зона. Ромите кои живеат во околината сакаат од Американците да добијат обештетување во замена за нивната преселба од околината. Во Македонија кружат гласини дека во Скопје не се гради само дипломатско претставништво, туку и регионален центар на ЦИА, како и логистичка централа за воените бази на САД на Косово, во Бугарија и Романија. Македонија важи за особено лојален сојузник на САД.“

Весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, пак, на викендот во поширок текст со наслов „Не се работи само за името“, пишува за спорот на Грција и Македонија околу името и поврзаноста на денешните настани со случувањата во текот и по граѓанската војна во Грција. Констатирајќи дека од последната рунда преговори во Њујорк и не се очекувал пробив, авторот Михаел Мартенс пишува дека згора на тоа политичките односи меѓу двата соседа, кои ионака се тешки, не се подобриле баш по писмото што македонскиот премиер, Груевски му го упати на грчкиот колега, Караманлис, а во кое е споменат проблемот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Во текстот се вели:

„Тогаш, што Груевски не го споменува во своето писмо, натпропорционално многу славјанско-македонски жители на Северна Грција се бореле на страната на поразените комунисти. Поголемиот дел на славјанските Македонци од Грција, кои биле претежно селани, не му се приклучиле на марксизмот поради огромна верба во него, туку затоа што по долгогодишната диктатура на Метаксас, не се надевале дека ќе се остварат ветувањата на комунистите за македонска автономија по војната, но очекувале барем живот без потиснување од страна на државата. Кога се наѕрел поразот на комунистите, многумина од страв пред победниците избегале преку граница...Егејците, како што се нарекуваат денес бегалците и нивните потомци, во поранешната југословенска република се бројчено погледнато - фактор и би можеле да му заблагодарат на Груевски за неговиот потег на наредните избори. “

Наведувајќи дека во Македонија има неколку десетици илјади Егејци, ФАЦ во текстот наведува дека тие имаат проблем да влезат во Грција и да ги посетат родните места, кои денес имаат грчки имиња.

„Дека не сите славјански жители избегале во времето по граѓанската војна, туристот може да слушне и денес на улиците на некои места во Северна Грција, зашто таму се зборува јазикот кој во Грција официјално се нарекува славјански, но за еден лаик е тешко да се разликува од македонскиот или бугарскиот. Ваков јазик се слуша во места како Лутраки (некогашен Посар) и Мелити (Овчарани) или во Флорина (Лерин). Бегалците родени во овие места, кои денес живеат во Македонија имаат тешкотии да ги посетат. Тие не се единствените кои претпоставуваат дека зад тоа се крие смислена политика со цел да ги спречи Егејците да поднесат тужби пред грчките судови за враќање на своите куќи и имоти.“