Германија | 21.08.2008
Лични податоци на распродажба
Колку се сигурни личните податоци во Германија? Ова прашање деновиве се поставува се` повеќе по неколкуте скандали со злоупотреба на приватните податоци. Најновата дискусија ја покрена еден вработен во телефонски центар.
Тој, имено, на властите за заштита на податоците им предаде це-де со лични информации на корисниците, меѓу нив и банкарски сметки, со напомена дека ваквите информации се` почесто се препродаваат за маркетиншки цели, но и за други дубиозни намери.
Неверојатно, но вистинито – во Германија човек може без проблем да купи нечии приватни податоци на интернет и тоа по смешна цена. Претседателот на германскиот сојуз на потрошувачи, Герд Билен, во рамките на неодамна одржана прес-конференција, прикажа и јасен доказ за ова, прозирна обвивка со опасна содржина: две цд-иња и едно ДВД, што еден од професионалните истражувачи на сојузот го купил на интернет.
„Можно е да се добијат податоците на 6. милиони граѓани, од кои 4 милиони со банкарски сметки, за 850 евра и во рок од два дена“ – обелодени Билен.
Толку е лесно, помалку или повеќе легално, да се дојде до приватните податоци во Германија.
Претседателот на сојузот зборуваше за „интензивна трговија“. А ова не се одвива само во националните граници, како што од искуство знае претседателот на бирото за заштита од криминал, Бернд Картенсен.
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Вашите лични податоци можеби не се само онаму каде што мислите дека се„Меморирањето на податоците не мора да се одвива само во Германија. За тоа можат да се користат сервери во источна Европа или јужна Америка. Оваа трговија со лични податоци има меѓународна димензија“.
Построги казни и закони
Глобален проблем што мора меѓународно и да се реши. Вака смета Петер Шаар, главниот заштитник на приватните податоци во Германија. На таа функција е назначен по предлог на германската влада. Некои од неговите најважни задачи е да ги советува државните власти, телекомуникацискиот сектор и поштата. Контрола и спроведување безбедносни проверки се исто така дел од неговите надлежности.
Секоја година надлежниот за заштита на податоците поднесува извештај за својата работа пред парламентот. Назначениот Петер Шаар, од 2003 година наваму постојано опоменува дека е потребно подобрување на заштитата на податоците. Под притисок на последните случувања, неговите забелешки конечно привлекуваат повеќе внимание, отколку порано. На пример неговите критики за законот за анти-тероризам беа одбиени од повеќето политичари од редовите на конзервативците и социјал-демократите под изговор дека се претерани.
За справување со криминалната злоупотреба на приватните податоци, потребни се построги закони и казни. Шаар, меѓу другото, го критикува тоа што според досегашниот закон е дозволено давање на приватни податоци за рекламни цели, без согласност на нивниот сопственик – на пример, за претплата на некое списание.
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Сигурни сте дека пополнувате ливче за лото?
„Ова е ограничено на неколку полиња, но меѓу податоците што смеат да се издаваат спаѓаат името, презимето, датата на раѓање и професијата. А, кога овие податоци веќе се достапни, ќе следуваат и уште. Ова значи дека наскоро ќе може да се даваат и податоци како телефонски број, и-мејл адреса, број на сметка, па се` до здравствена состојба или износ на месечен приход“ – предупредува Шаар.
Од каде дошле и каде одат
Токму затоа тој и претседателот на бирото за заштита од криминал, Бернд Картенсен, сметаат дека е потребно воведување на обврска за обележување на податоците. Картенсен објаснува што значи тоа:
„Сите оние кои службено се во постојан контакт со приватните податоци на граѓаните, мораат да документираат од каде ги добиле тие податоци и каде би можеле тие, по претпоставка, да отидат понатаму. Сметам дека тоа е придонес кон напорите да можеме превентивно да делуваме и во оваа област“ – вели Картенсен.
Се разбира, значаен придонес кон одговорно постапување со приватните информации можат да дадат и самите консументи, односно граѓаните. Имено, се препорачува тие да не ги даваат насекаде своите лични податоци, без многу да размислуваат за тоа, како на пример при попусти во стоковни куќи или игри на среќа.












