Печат | 21.08.2008
Полска не е Куба
Антиракетниот штит значи безбедност или закана? Германскиот печат наголемо се занимава со договорот за анти-ракетниот штит потпишан од страна на САД и Полска.
„Тоа што Полска толку патриотски се умилкува под крилата на САД, е повод за згриженост“, смета „Остзе Цајтунг“:
„Договорот го зголемува ризикот од нови тензии во светот. Прво, Полска со тоа станува и ја прави Европа цел на можни напади. Второ, Полска наспроти европските интереси станува делумно дел од геостратешките калкулации на администрацијата на Буш... Трето, Москва овој Варшавски договор, особено поради несреќната криза на Кавказот, мора да го сфати како предизвик.“
„Зидојче Цајтунг“ стравува од нова трка во вооружување меѓу САД и Русија:
„Секој се чувствува загрозен од секого. Затоа Варшава и Прага ги игнорираа протестите на Москва поради американскиот анти-ракетен штит...Прага и Варшава се убедени дека Москва не се вооружува за да се брани од напади. Кремљ има намера својата армија да ја ангажира или директно воено или како средство за политички притисок.“
„Полска не е Куба„ е насловот на коментарот во денешен „Велт“, во кој меѓу другото се вели:
„Сега се аргументира дека инсталирањето одбранбени бази кои би требало да бидат заштита од можни напади на Иран е споредливо со, за среќа, спреченото стационирање на советските нуклеарни ракети на Куба. Ваквата споредба е, меѓутоа, погрешна. Додека ракетите тогаш претставуваа директна закана за САД, сега планираната одбранбена техника не може воопшто да ја загрози безбедноста на Русија, туку напротив ја зајакнува. Но, Русите исто како и нивните сојузници на запад, на тоа сакаат да гледаат поинаку.“
„Зексише Цајтунг“, пак, ги критикува плановите:
„Воената вредност на антиракетниот штит е многу контроверзна и непредвидлива, за разлика од предвидливоста на политичката штета која тој ја предизвикува. Никој не може да гарантира дека системот воопшто функционира и нуди заштита од можни напади од Иран и Северна Кореја. Тој дава привид на зголемена безбедност, а случајот е токму спротивното. „












