Печат | 22.08.2008
„Европскиот исток се сели западно“
Германскиот печат денеска се фокусира на темата демографија, а повод е најновата демографска студија на Берлинскиот институт
Весникот „Тагесцајтунг“, пренесувајќи ја изјавата на директорот на Берлинскиот институт, Рајнер Клингхолц, дека стотици илјади Источно-европејци се иселени во други земји, пишува:
„Студијата го анализира демографскиот развој во 285 региони на 27 земји на ЕУ, како и Норвешка, Исланд и Швајцарија. Во Полска, Ирска, Франција, Шведска и Бугарија се портретирани региони кои се менуваат особено многу. Тие региони Клингхолц ги нарекува „урнек за иднината на Европа“: помобилни, пошарени и поиновативни отколку денес.
Ваквиот опис сигурно одговара на Ирска, чиј што економски бум во 90-тите години се потпираше, и тоа не малку, на приливот на евтина работна сила од Полска и балтичките земји.
Од другата страна на границата на ЕУ, пак, е се‘ друго, само не шарено и иновативно. Државите како Украина или Белорусија се борат со проблемот на иселување во соседните земји, како Полска и Романија. „Молдавија не беше дел од студијата, но проценуваме дека таму нема една третина од младите луѓе“, вели шефот на институтот, Клингхолц. Како што покажува истражувањето, во Бугарија на пример, приклучок кон ЕУ во никој случај не значи и заштита од иселувањето.
Од миграцијата профитираат Шведска, која како и Ирска долго време беше земја во која луѓето се иселуваа, како и Велика Британија, Холандија и делови од Шпанија и Франција. Сепак, и Западна Европа се соочува со демографски проблеми. И покрај растечкиот број жители и натпропорционално големиот број новороденчиња, старее дури и Франција, која важи за земја со добар наталитет, нагласува истражувачот Клингхолц.
Најлошо стојат периферните региони на Источна Европа, но и Јужна Италија и Грција - тие се облежани со малиот број новороденчиња, со стареење на нацијата и иселување. Студијата повлекува линија на поврзување меѓу демографските слабости и конзервативната семејна политика: „Колку повеќе жени работат, толку е поголем бројот на деца.“
Научниците проценуваат дека населението во ЕУ без доселеници, ќе се намали за 52 милиони до 2050 година, и ќе изнесува 447 милиони. “
„Либекер нахрихтен“ денеска посебен акцент става на демографската слика на Германија:
„Треба да се откажеме од табуата и тврдоглавоста. На пример, од тоа дека не ни‘ се потребни доселеници затоа што тие ни‘ ја земаат работата. Токму спротивното, како што покажуваат европските земји кои бележат бум. Борбата за умни глави одамна е разгорена. Треба да се простиме и со идеолошката магла во семејната политика, дека професијата и желбата за деца не одат едно со друго. Погледот преку граница покажува - колку повеќе жени во професијата, толку поголем е бројот на децата. Проблемите се делумно препознати, но се далеку од отстранети.“












