1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици

 
 
 

 

Трендови  | 22.08.2008

Мајчинството меѓу природен инстинкт и општествен стереотип

Во сите култури на светот мајчинството се опишува како најголема среќа за секоја жена. Со ваквата идеализирана слика се премолчува важен дел од реалноста, имено дека раѓањето и одгледувањето деца бара многу жртви.

Германија може да се радува. По цела деценија се навестува пресврт во надолниот тренд по прашањето на стапката на наталитет. Минатата 2007-ма забележано е покачување на просечниот број деца од 1,33 на 1,37 по жена биoлошки зрела за раѓање. Вкупниот број новородени деца минатата година ја достигна бројката од 12.000.

Се‘ уште е прерано да се каже дали се за тоа заслужни мерките на владата на канцеларката Ангела Меркел, како што е воведувањето плата за родителите или можеби повеќе влијаело општото подобрување на економската состојба во земјата. Во секој случај демографите имаат причина за анализи и за радост, особено доколку позитивниот тренд и општо расположение во таа насока потраат.

Франција нема проблеми со наталитетот

За разлика од Германија, во соседна Франција стапката на наталитет е задоволувачка и изнесува преку две деца по жена. Но, токму деновиве една интелектуалка и мајка на две деца придвижи бурна јавна дебата преку книгата со наслов: „Деца не – 40 причини да не се раѓаат деца“. Авторката Корине Мајер е веќе позната во француската јавност по нејзините провокативни дела, но овој пат се чини таа само го шири во нејзината татковина трендот што во англо-саксонските земји веќе некое време стана модерен.

Богати, успешни и без деца

Во богатите индустриски земји, жените денес имаат можности да бираат кога ќе раѓаат и раѓаат повеќе или помалку само посакувани и планирани деца. Многумина пак се решаваат воопшто да немаат деца и целиот живот, сета енергија и сите финансиски и други ресурси да ги вложат во себе, во сопствената кариера, дошколувања и специјализации, патувања итн. Растечкиот број вакви успешни парови наоѓа начини и да влијае врз јавното мнение и да ги надмине негативните стереотипи, кои немањето деца го вреднуваат негативно. Нивното мото гласи: ние не сме брак кому му недостигаат деца, туку сме брак слободен од деца. За ваквите парови во меѓувреме се градат и посебни хотели, во кои едноставно не доаѓаат деца, исто така и луксузни квартови за сенори, каде исто така нема детска врева.

На овој тренд што се‘ повеќе се засилува во англо-саксонското говорно подрачје, му се приклучи и провокативната француска авторка Корин Мајер, која иако самата е мајка на две веќе пораснати деца, ги повикува сограѓаните да се откажат од потомство: „Првиот аргумент за нераѓање деца е следниот: имањето деца не‘ обврзува да станеме послушни и премногу прилагодени на барањата на општеството. Оној кој има деца речиси не може да се отргне од потрошувачкиот менталитет. А тој, пред се‘ преку рекламите, ни налага да мораме да купуваме многу работи за да ги направиме среќни нашите деца. Исто така оној кој има деца се откажува од какви и да е револуционерни идеи. Од гледна точка на државата раѓањето деца е најдобар фактор на интеграција во постојните општествени структури и текови. Кога имаме деца мораме да ги извршуваме општествените обврски“ – појаснува авторката на книгата „Деца не – 40 причини да не се раѓаат деца“.

Децата се убијци на партнерството

Корин Мајер наведува уште 39 други причини зошто не треба да се има деца. На пример: децата се убијци на партнерството, драматично тврди таа. Кога двајца љубовници ќе станат родители, тогаш за подолго време мораат да се откажат од романтичниот и страствен дел на врската. Второ: децата бараат многу труд, време и внимание и тоа никогаш не им го враќаат на родителите. Трето: во денешното општество децата добиваат статус на мали кралеви и кралици, на кои треба се‘ да им се угодува и околу кои треба да се врти целиот универзум – родителите во секој случај!

Ваквите директни и провокативни изјави на Корин Мајер се еден вид кршење на бројни општествени норми и предрасуди. Кој денес се осмелува да зборува така отворено и без влакна на јазикот за сите негативни аспекти на мајчинството? Дека на Мајер и‘ пошло од рака да пробие важни општествени табуа зборуваат и реакциите на медиумите. Речиси сите кои се занимаваат со нејзината книга овие денови и недели наоѓаат само зборови на критика. И не само тоа – книжевните критичари и новинарите дури отворено препорачуваат луѓето воопшто да не ја читаат нејзината книга.

Авторката е мајка на две деца

44-годишната авторка Корин Мајер и самата е мајка на две веќе големи деца на тинејџерска возраст. Таа добро знае што пишува: „Во мојата книга станува збор многу и за мене лично, за моите искуства како мајка, која сака да направи се‘ како што треба. Додека ја пишував ми стана јасно дека всушност премногу вложувам во воспитувањето на моите деца, пречесто сум дома за да им се најдам при рака и премногу се грижам за секоја ситница. Денес се обидувам да се поставам поинаку. На пример, со години се обидував да им помогнам на децата во пишувањето на домашните задачи, што бараше многу нерви. Денес не се секирам многу за домашните, нивните оценки не станаа полоши, а јас се чувствувам многу, многу полесно. Човек не мора воопшто толку многу се‘ да зема при срце...“

Втора голема провокација на Корин Мајер

Можеби е интересно да се спомне дека оваа книга не е прво дело на Корин Мајер. Таа пред неколку години издаде уште една книга со слично влијание врз јавноста, која се пресметуваше со предрасудите на полето на работниот морал. Насловот на книгата што исто така стана бестселер беше: „Добредојде мрзо“. Во неа Корин Мејер повикува на работното место да се свршува само она најнужното и многу повеќе внимание да му се посвети на пријатното чувство во текот на денот, на барањето можности денот да ни помине убаво. Познавачите на француската публика очекуваат и сегашната книга „Деца – не!“ да стане бестселер, иако Корина Мајер во неа не нуди никакви конкретни решенија за тоа како модерните жени да ја одбегнат судбината на хипнотизирани суштества, кои од мајчинската улога не гледаат ништо друго околу себе. Единствениот совет што може да се протолкува како понудено решение е сосема радикален, имено: граѓанска непослушност и откажување од деца!

„Уверена сум дека веќе фактот што можеме да се смееме на вака сериозна тема како што е култот на мајчинството и раѓањето и одгледувањето деца е огромно олеснување за нас жените. За сите нас, и за оние мајки кои на моменти би ги пратиле децата по ѓаволите, и за оние жени кои немаат деца и за оние кои воопшто не ни помислуваат да ги прават. Раѓањето деца е инаку толку света тема, што е добро што успеваме барем да се пошегуваме со неа!“

 

Горан Чутаноски

 
Share this article

FeedbackИспратиПечати

Други теми