Трендови | 12.09.2008
Колку се опасни компјутерските игри?
Бројот млади кои се зависни од игрите на компјутер е во постојан пораст. Една анализа на Универзитетот од Лајпциг е најновиот повод за соочување на аргументите за и против компјутерските игри.
Во Германија со години се води јавна дебата околу опасноста на компјутерските игри. Таа се разгорува кога има некој драматичен повод, како масакрот што еден средношколец пред неколку години го приреди во гимназијата во Ерфурт. Тогаш сите фактори во општеството анализираат дали и во колкава мера игрите со големо количество насилство влијаат врз психата на младите и го спуштаат прагот на социјално дозволена примена на сила.
Но, насилството и не е единствениот проблем кога се таквите игри во прашање. Голема опасност се крие и во зависничкиот синдрoм што знае да се развие кај младите.
Овој пат една анализа на Универзитетот во Лајпциг е најновиот повод за соочување на аргументите за и против компјутерските игри.
Славни и „невини“ почетоци
Првата компјутерска игра потекнува од американскиот физичар Вилијам Хигинботам, кој пред 50 години на јавноста и’ го презентираше софтверот „тенис за двајца“. Тоа беше само обид да покаже што се’ можат компјутерите и ништо друго. Половина век подоцна компјутерските игри се развија во посебен суб-културен феномен и нераздвоен дел од секојдневието на младата генерација.
Токму нераздвојноста на младите од компјутерските игри предизвикува често скепса кај одговорните политичари и загриженост кај родителите. Особено кога се во прашање игрите во кои има многу насилство.
Компјутерските игри се тема и на политичките дебати
Така деновиве во редовите на Христијанско социјална Унија на Германија, се водеше остра дебата околу идејата за забрана на насилните компјутерски игри. На соодветниот предлог за забрана од покраинскиот Министер за внатрешни работи на Баварија Јоаким Херман, група помлади сопартијци одреагира со отпор и побара наместо забрани засилено информиање на младите од опасностите што ги кријат ваквите игри. Со забраната само би се отворила на широко вратата за илегална трговија со овие игри, а освен тоа забраната би била и неуспешна бидејќи игрите можат да се симнуваат на сопствениот компјутер од интернет. Конечно, експертите ги оценуваат како проблематични само пет насто од сите компјутерски игри што се достапни на пазарот – аргументираат младите политичари од Христијанско социјалната унија.
Загриженост – да, паушална осуда - не
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Младите покажаа голем интерес за Саемот на игри "Game convention 2008" во ЛајпцигЗначи, иако загриженоста не е без основа, паушалната осуда на сите компјутерски игри секако не е на место, смета и Фабијан Делер од јапонскиот софтверски гигант СЕГА:
„Мислам дека кај секој вид на забава, сеедно дали се во прашање книги, филмови или нешто трето, секогаш има такви дела кои се под нивото. Исто како што има и такви луѓе кои ќе седнат во автомобил од марката ферари и ќе ја злоупотребат неговата брзина и сила да се втурнат во маса луѓе и да предизвикаат што е поголем број жртви. Но, не можеме поради тоа да ги етикетираме автомобилите на ферари како зли.
Секако дека има и компјутерски игри, во кои има премногу насилство, што и ние од браншата не го сметаме за добро. И исто така има игри кои можат да доведат до зависничко однесување на младите, имено да седат цел ден пред компјутер, да ги запоставуваат пријателствата и семејството и да се изолираат. Но, мора да се нагласи дека има и многу поголем број игри кои токму го поттикнуваат дружењето на младите“ – вели Фабијан Делер.
Повеќето игри се „добри“
Најпроширени компјутерски игри во светот се токму оние кои бараат учество на повеќе соиграчи истовремено. И исто така анкетите на јавното мнение покажуваат дека 80% од младите повеќе сакаат да играат на компјутер со нивните пријатели, отколку сами. Посебно омилени се музички игри, во кои играчите ја преземаат улогата на некој музичар, како на пример игрите „Пеачка ѕвезда“ или „Херој на гитара“. Се’ поголем интерес младите покажуваат и за игрите во кои преку интернет се среќаваат поголем број играчи.
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Голема фасцинација со играта „Светот на војната“Една од нив е „Светот на војната“ во која преку интернет во меѓувреме учествуваат преку 10 милиони лица. Тие се здружуваат во групи преку интернет и заедно учествуваат во големата игра. При тоа она што најмногу им пречи на критичарите на ваквите игри е тоа што младите многу често и редовно минуваат долго време пред компјутерите. Професорот Бернд Шроб, експерт за медиуми и модерна педагогија при Универзитетот во Лајпциг, смета дека во прашање се интересите на индустријата за компјутерски игри:
„Ако играта ’Светот на војната’ играчите ги чини 11 евра месечно за да имаат пристап до играта, тогаш оние кои се грижат за пласманот на оваа игра имаат огромен интерес што повеќе и што почесто играчите да бидат вклучени во неа и да не се откажат. И затоа ја конструираат играта така да го врзува интересот на корисниците – тоа им успева многу добро, морам да признаам.“
Игрите можат да водат кон изолација, но и кон нови пријателства
Според една студија на Универзитетот од Лајпциг преку 10% од играчите на интернет велат за себе дека се во опасност да станат зависници. Тоа е негативниот аспект на компјутерските игри, но од друга страна речиси сите играчи ширум светот тврдат истовремено дека вирутелните игри ги користат и за создавање пријателства преку интернет. Конкретно 78% од испитаниците тврдат дека редовно се среќаваат со пријателите преку интернет за да играат игри, а 48% велат дека при тоа нашле и нови пријатели.
Еден од нив е и 21-годишниот Феликс, кој е страствен играч на „Светот на војната“. Тој нема проблеми со останување предолго пред компјутерот внесен во оваа интернет игра.
„Пред испитите е секогаш правило две недели пред нив да не играм воопшто и да учам. Но, во нормални услови имам доволно време за играње покрај обврските на факулетот.“
Тоа за него значи три до четири часа на дена. Сосема поинаков е случајот на Лорен, 18-годишна ученичка од Лондон, за која интернет игрите имаат многу поголема важност – толкава што само ретко има време за средби со пријатели:
„Тоа е моја забава и хоби. Моментално не сум вработена и затоа играм по цел ден, тоа се по 12-тина часа на ден. Играњето на компјутер за мене е многу важно.“
Крајната одговорност е на родителите
Примерот на Лорен е често застапен, смета професорот Хартмут Варкус, медиумски педагог при Универзитетот во Лајпциг. Тој смета дека одговорноста за таквиот тренд е врз плеќите на родителите:
„Родителите не се доволно чувствителни за вакви работи. Нема потреба да се залажуваме, на секој родител му оди во прилог кога децата сами се занимаваат со нешто подолго време, па тој има време за активности што нему му одговараат или му се драги. Затоа родителите ги толерираат игрите на компјутер дури и кога децата со нив се занимаваат по четири или пет часа на ден. Но, истите родители не треба да се зачудени или огорчени кога нивните деца со тек на време остануваат пред компјутерите и до 12 или 15 часа на ден и запоставуваат се’ друго. Одговорност е на родителите на време да постават граници и да се обидат да ги воспитуваат децата додека можат.“
Индустријата „мие раце“
Ваквото префрлање на одговорноста врз родителите е типично и од редовите на индустријата за компјутерски игри. Гласноговорниците на оваа бранша често им префрлаат на родителите дека им дозволуваат на децата да користат игри што не се неменети за нивната возраст. Тоа е голем проблем, бидејќи експертите за развој на компјутерските игри тесно соработуваат со надлежните за заштита на младите, посочува Карстен Леман од францускиот софтверски концерн Убисофт:
„Ние на пример сме во контакт со надлежните служби за заштита на младите во Германија уште во процесот на создавање на некоја компјутерска игра и при тоа имаме интензивна размена на мислења. Тоа го сметам за многу, многу важно.“
Европа полага надеж врз свеста на единката, а Кина?
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Интернет кафуле во кинескиот главен град, ПекингДодека во Европа главниот акцент и понатаму се става врз самоконтрола и заштита од надлежните државни служби за заштита на младите, кои ги одредуваат старосните граници за одредени игри или филмови, во Кина властите отидоа чекор понатаму. Таму честото и долготрајно играње на компјутер во бројните интернет кафулиња станува се’ посериозен проблем. Затоа државата се обидува да му застане на патот на таквиот негативен развој:
„Во Кина голем број млади луѓе, млади студенти го минуваат времето во интернет кафулња, при што најрадо играат игри на компјутер. Но, кога тоа го прават премногу, тогаш тоа влијае на успехот во студирањето. При тоа насилството во игрите не е толку голем проблем, колку зависноста на младите од игрите. Затоа владата сега издаде декрет, со кој секој кој е помлад од 18 години и игра повеќе од три часа на компјутер, добива само половина од вообичаените наградни поени во игрите. А ако некој остане повеќе од пет часа ги губи сите поени“ – појаснува Ед Јех од кинеската софтверска фирма „Икспек“.
Младите Кинези се поитри од државата
Владата ги обврза сите произведувачи на компјутерски игри да вградат соодветни промени во игрите за да може да се спроведува декретот. Но, тоа не помогна многу, бидејќи младите Кинези се покажаа досетливи и отворија повеќе играчки адреси и си го менуваат идентитетот во интернет игрите, така што уредбата не може да им ја расипе играта. Заклучок: државните уредби и закони, барем од таков вид како кинеската, не се од голема помош. Она што може да помогне тоа се доволно објаснување на опасностите што на младите им се закануваат од компјутерските игри и подобра контрола на родителите.
Како за крај и како за утеха
Студијата на Универзитетот од Лајпциг покажа дека младите остануваат нормални млади сеедно во која насока се развивале компјутерските игри:
„Најголемото изненадување беше дека младите сепак си остануваат млади и дека на таа возраст сакаат да имаат пријатели и да се дружат. Во анализата на анкетата пронајдовме и такви одговори кои покажуваат дека некои од младите знаеле да минуваат и по 12 или 13 часа на ден со компјутерските игри, но во еден момент престанале со тоа и потолно се ослободиле од зависноста. И тогаш им се случило она најубавото и најнормалното во животот – имено конечно се заљубиле!“ – појаснува професорот од Лајпциг, Бернд Шроб.
Големо прашање е меѓутоа колкав е процентот на млади што „спонтано„ се ослободиле од зависничкиот синдром. За судбината на оние другите, студијата на Универзитетот од Лајпциг не дава поблиски информации!












