1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца го преземаат Собранието

20 ноември 2023

Агендата во македонското Собрание денеска ќе ја кројат децата - ќе говорат за темите што тие ги сметаат за најважни.

https://p.dw.com/p/4ZADs
Северна Македонија | Собрание, парламент
Во Собранието децата ќе говорат за темите што тие ги сметаат за најважни (архивска фотографија)Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Пратениците ќе слушаат, а децата ќе говорат. Ова не е честа слика во македонското секојдневие, но денеска ќе биде реалност. На Светскиот ден на детето, 20-ти ноември, во Големата купола на македонското Собрание под наслов „Децата го преземаат Собранието“, во организација на УНИЦЕФ и Собранието на РСМ, младите ќе ги споделат своите ставови за најгорливите прашања, потреби и загрижености, а патениците да слушнат каков е напредокот поврзан со правата на децата. Свои обраќања ќе имат и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

Во пресрет на Светскиот ден на детото, Министерството за правда синоќа беше осветлено во сина боја.

„Секое дете, секаде, има право да живее во мирен свет!“, порачаа од ресорот правда.

Оваа година земјата одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години откако официјално се воспостави соработка со УНИЦЕФ по независноста на земјата.

Три децении не се малку, но сѐ уште многу прашања и натаму очекуваат подобрување - пристапот до образование, учество во донесувањето одлуки што го засегаат животот на децата, згрижување на деца кои се жртви на насилство или занемарување, инклузија на деца со попреченост, надминување на последици од поврзаноста помеѓу сиромаштијата и дискриминацијата.

За илустрација, од 3.209 заведени предмети кај Народниот правобранител во 2022 година, најголем број - 252 или 7,85% се однесувале токму на правата на детето. Поплаките за кои се барало заштита и преземање дејства од Народниот правобранител, се однесувале на семејна грижа на детето, заштита на правата во детските градинки и училишта, малите групни домови, правото на образование и обезбедување поддршка на деца со попреченост, заштита од секаков вид на насилство и несоодветен однос кон дете, правото на социјална заштита и животен стандард, заштита од дискриминација, право на име и идентитет, заштита на права на децата во ризик и деца во судир со законот.

Женева | УНИЦЕФ лого
Северна Македонија одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години откако официјално се воспостави соработка со УНИЦЕФФотографија: Denis Balibouse/REUTERS

Повеќе да се инвестира во образованието

Неодамнешно истражување на УНИЦЕФ за мултидимензионалната сиромаштија, покажало дека образованието е клучен фактор за прекинување на меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија. Имено, има поголем процент на деца засегнати од мултидимензионалната сиромаштија во домаќинства каде возрасните лица имаат пониско образование, со што се продолжува тој циклус. Ограничениот пристап до установите за предучилишно образование може да доведе до пораст на мултидимензионалната сиромаштија кај децата, и тоа е загрижувачки податок со оглед дека дури 61% од децата никогаш не посетувале предучилишно образование, пред сѐ децата од рурални средини.

Децата Роми се диспропорционално застапени помеѓу децата кои се во ризик од сиромаштија. Над 20 отсто од нив се исклучени од основното образование во Северна Македонија. Исто така, застапеноста на рани бракови во ромските заедници ги намалува можностите за образование, особено за девојчињата. Многу поголема е веројатноста за стапување во малолетнички брак кај девојчињата од ромските заедници отколку кај девојчињата од другите заедници пред сè поради сиромаштија, културолошките и социјални практики.

Стипендии за ромски семејства

Од овие причини, се очекува РСМ да се залага за зголемување на јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, вклучително и предучилишното. Исто така, да обезбеди ефикасна и правична распределбата на ресурсите за општините и училиштата, за да го олеснат пристапот и вклучувањето на најранливите деца, вклучувајќи ги и децата со попреченост.

Еднаков пристап за сите

Во учебната 2022/2023 година Министерството за образование и наука го зголеми бројот на образовни асистенти од 500 на образовни на 720, кои давале услуга на вкупно 775 ученици со попреченост вклучени во општинските основни училишта. Но, состојбата во средните училишта е поинаква - таму поминува уште едно полугодие без образовни асистенти за средношколците со попреченост.

„Разликата меѓу законите за основно и средно образование во делот на инклузијата на учениците со попреченост е навистина голема. Законот за основно донесен во 2019 година, има предвидено индивидуализиран образовен план и инклузивни тимови, додека во Законот за средно не е предвидена ниту една мерка за овозможување на квалитетна настава на учениците со попреченост. Потсетуваме дека согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост се предвидува да се преземат сите мерки за отстранување на дискриминацијата, вклучувајќи и измени на законодавството. Комисијата бара од МОН итно да покрене измени на Законот за средно образование во насока на обезбедување еднаков пристап до образование на учениците со попреченост“, потенцираа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Подобри можности за образование на децата со попреченост

Оваа Комисија во септември најави дека ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН), поради недостигот на учебници во основното образование. Причината за тоа е што од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа училишна година МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници. Учениците од трето одделение ја започнаа оваа година без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети, а единствено од прво и второ одделение добија учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици.