| 09.07.2008 | 06:00 UTC
Хрватска и Албанија ги потпишуваат протоколите за членство во НАТО
Хрватска и Албанија денеска во Брисел треба да ги потпишат протоколите за членство во НАТО. Загреб и Тирана на церемонијата ќе ги претставуваат министрите за надворешни работи Гордан Јанроковиќ и Лјулјзим Баша. Протоколите за проширување треба да минат постапка на ратификација во националните парламенти на земјите членки на НАТО. По ратификацијата Хрватска и Албанија на покана на генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер ќе станат полноправни членки на НАТО на самитот во 2009 година.
Двете земји на самитот во Букурешт официјално беа покането во НАТО, Македонија беше блокирана поради спорот со името со Грција.
Средба на канцеларката Меркел со претседателот Ху
На маргините на самитот на Г8 во Јапонија, германската канцеларка Ангела Меркел се сретна со кинескиот претседател Ху Џинтао. На средбата канцеларката подвлече дека Германија ја подржува политиката на една Кина. Истовремено Меркел изрази надеж дека дијалогот со Тибет, меѓу кинеското раководство и претставници на Далај Лама ќе се развива во позиитвна насока.
Русија се заканува со воена акција поради американските ракети
Русија се закани дека ќе одговори со воени средства на стационирањето американски антиракетен штит во Средна Европа. Со ова не се мисли на воен удар, појасни рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин, многу повеќе се работи за стратегиски став. Американското министерство за одбрана смета дека тоа е „воена реторика“ на Москва, со која само се зголемува нервозата кај пријателите на САД. Поранешниот руски претседател Владимир Путин се закани дека ќе се насочат ракетите кон европските земји. Руските генерали, јавно размислуваат за стационирање атомски ракети во Белорусија и отпочнување на производство на ракети со краток и среден дострел. - САД и Чешка вчера во Прага потпишаа договор за стационирање радарска станица за ракетниот штит. Договорот треба да го одобри и чешкиот парламент, каде голем дел од пратениците се против ваквите планови.
Иран тестираше ракета со долг дострел
Иран тестираше нова верзија на ракетата со долг дострел од типот Сехаб 3, со која би можел да биде нападнат и Израел. Според иранската телевизија ракетата носела конвенционална боева глава. Револуционерната гарда изврши тестови на вкупно девет земја - земја ракети со долг и среден дострел. - На самитот на Г8 повторно е упатено барање до раководството во Техеран да ја прекине програмата за збогатување ураниум.
Евробарометар: македонските граѓани очекуваат економски развој
82 проценти од македонските граѓани веруваат дека земјата ќе има корист од членство во ЕУ, што е поголем процент во однос на Турција и Хрватска. Мнозинството граѓани сметаат и дека клучните придобивки би биле економскиот развој, па потоа оддржувањето на мирот и стабилноста, повисок животен стандард и можности за вработување покажуваат резултатите од 69тиот извештај на Евробарометарот.
Истражувањето на јавното мислење е спроведено во 27 те земји членки на ЕУ, и земјите кандидати Македонија, Хрватска, Турција и турскиот дел на Кипар во период од крајот на март до почетокот на мај оваа година.
Радиоактивен материјал истече од атомска централа во Франција
Во француската атомска централа Трикастин крај Авињон истече 30 илјади литри радиоактивен материјал. Еден дел од растворот преку дождовната вода се влеа во околните две реки. Според властите опасноста за населението е мала, сепак во три општини е издадена забрана за употреба на водата за пиење, а забранети се и наводнување на полињата, риболов и спортови на вода. Сеуште не се познати причините за истекувањето на радиоактивниот материјал.
Мугабе ќе коалицира со опозицијата
Претседателот на Зимбаве Роберт Мугабе изразил подготвеност да формира заедничка влада со опозицијата. Во таа влада би требало да коалицираат сите политички партии соопшти министерот за надворешни работи на Зимбабве. - На самитот во Тојако шефовите на Г8 уште еднаш го осудија нерегуларниот реизбор на Мугабе за претседател.
Сименс крати работни места
Во рамките на програмата за штедење Сименс најави дека во целиот свет ќе бидат укинати 17 илјади работни места. Само во Германија предвидено е кратење на 5.250 работни места, најави шефот на коцернот Петер Лешер во Минхен. Укинувањето на работните места ќе биде спроведено постепено, колку што е можно по социјално во однос на вработените. Синдикатот и политичарите го критикуваат намалувањето на работните места во Сименс. Во целиот свет за концернот работат околу 420 илјади соработници.