DW-WORLD.DEПечатење

11.04.2008

ЕУ очекува напредок во Македонија

ЕУ

Дали со предвремени избори, Македонија ќе успее да ги спроведе реформите потребни за наесен да добие датум за почеток на преговори со ЕУ? Експертите предупредуваат дека и без избори тешко ќе се спроведат реформите.

Дали изборите ќе го забават или ќе го забрзаат развојот и реформите во Македонија на патот кон ЕУ? - дилема што партиите различно ја толкуваат во зависност од тоа какви очекувања имаат за исходот од изборите. Експертите пак се уверени дека Македонија и без предвремени избори, нема да постигне до оваа есен да ги исполни осумте критериуми, за до крајот на годината да добие датум за почеток на пристапните преговори. Тоа е јасно и во Брисел, но Европа се надева дека Македонија ќе покаже барем напредок во спроведувањето на задачите.

Ивица Јосифовиќ од универзитетот Фон вели „Осумте приоритети коишто Република Македонија треба да ги исполни до есенскиот извештај во ноември, објективно е многу тешко. Јас би го користел изразот да покаже напредок за тие приоритети за да може да добие датум за преговори за членство коишто следува по одлука на Европскиот совет и Советот на ЕУ на самитот во декември.“

Европската унија не запира со апелите да продолжат реформите независно од спроведувањето на реформите. Со молба до власта се огласи и евроамбасадорот Ерван Фуере. Во однос на можните престојни избори можам да кажам дека тоа е одлука што целосно е во рацете на парламентот, но она што ние од сраната на  ЕУ би порачале е да се запази времето, бидејќи сепак е потребно време за реформите коишто се потребни за пристапување кон ЕУ. Моја лична молба до македонските власти би била, дури и ако се случат избори да не се изгуби многу време  за да може да се продолжи со реформите. - порача Фуере

Со предвремени избори ќе се измести и фокусот на приоритетите

Позанавачите на европската агенда сметаат дека тоа е практично невозможно, фокусот на приоритетите се изместува, ако партиите се определат за избори, предупредува Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование. „За жал ако тој консензус се случи ние праќаме погрешна порака во Брисел. Ние праќаме порака во Брисел дека нас ни е побитна власта отколку европската агенда.“

Осумте задачи што на почетокот на март ги донесе еврокомесарот Оли Рен се: спроведување на сите обврски од договорот за стабилизација и асоцијација, дијалог меѓу политичките партии, имплементација на законот за полиција, донесеување на законодавство за анти корупција, реформа на судството, реформа на јавната администрација, мерки во политиката на  вработување и подобрување на бизинс средината. Во меѓувреме како услов се наметна и оддржувањето на добрососедски односи што значи дека спорот со Грција може да биде пречка и на патот кон ЕУ.

Комисијата на Европската унија во повеќе наврати нагласи дека очекува голем чекор напред од Македонија во 2008 година.

Горан Петрески

DW-WORLD.DEПечатење

Горан Петрески | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.