DW-WORLD.DEПечатење

22.04.2008

Аграмунт: Најважно е Грција и Македонија да постигнат договор

Советот на Европа

Шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт е еден од ретките европски политичари кој го „простудирал“ спорот за името. Во извештајот што тој го изработи за ПС на СЕ, заклучокот е дека Советот не треба да се меша во спорот.

Во разговор за Радио Дојче Веле, шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт и покрај жалењето за грчкото вето во Букурешт останува на истото мислење, потсетувајќи дека тој веќе предупредил дека Грција може да се послужи со тоа „оружје“. Тој советува решението да го најдат двете земји заедно, бидејќи не се ниту Советот на Европа, ниту ОН, ниту НАТО или ЕУ тие кои што ќе треба да го најдат името на Македонија.

 

Конкретните страни треба да постигнат договор  

 

 

Шпанскиот парламентарец од редовите на народните партии и натаму е убеден дека решението за спорот мораат да го најдат двете земји. „Многу, многу е важно да се постигне договор меѓу Грција и Македонија, тоа е најважната точка. Не може да се наметне една одлука надвор од волјата на двете земји. Кога станува збор за донесување на чувствителни одлуки за соседни земји и кои имаат не само политички, туку и заначајни трговски и економски односи, меѓународната заедница не се наоѓа на добар пат, тука го вклучувам и Косово. Мислам дека конкретните страни се тие кои треба да бидат задолжени да постигнат додговор меѓу нив.“ - нагласува Педро Аграмунт, со потсетување.

 

„Кога го изработив мојот извештај јас реков и напишав дека постои опасност Грција да се спротистави на членството на земјата, не само во НАТО туку и во други меѓународни организации. Бидејќи таа тоа право го има според договорите.“

 

Во Грција постои расположение да се прифати името Македонија со додавка

 

Известителот на Парламентарното Собрание на Советот изразува жалење по грчкото вето во Букурешт.

 

„Навистина тоа е штета. Мислам дека тоа е лоша одлука, но проблемот е во тоа што треба да се постигне договор.“

 

Аграмунт, констатирал дека сега во Грција постои расположение да го прифати името Македонија со една додавка, но Македонија е таа, која сега не сака друго решение.

 

„Не сакам да сугерирам, но мислам дека едно решение како „Република Нова Македонија“ или нешто слично може да се најде, постојат повеќе вакви примери во меѓународната номенклатура. Потребно е да се направат напори за да се постигне договор. Познавајќи ја грчката позиција можам да речам дека таа е многу пофлексибилна. Затоа сум изненаден од позицијата на македонската влада, која е многу непопустлива, таа треба да се отвори за да се избегнат проблемите како ветото.

 

Треба да се пружат напори да се дојде до решение

 

Аграмунт не крие дека за прв пат во историјата, една држава и наметнува или условува една друга држава за нејзиното име.

 

„Не постојат други такви случаи. Името  „Поранешна југословенска Република Македонија“ е навистина смешно, но само името „Република Македонија“, никогаш не било користено во историјата, никогаш. Ги сфаќам позициите на Грците, но исто така и на Македонците кои го сакаат името на нивната земја, а не едно име како „ФИРОМ“, тоа е нормално. Затоа уште еднаш повторувам дека е потребно да се направат напори за да се најде решение. Мислам дека тоа е можно.“

 

Околу стравувањето за губење на идентитетот со промената на името на земјата известителот на паневропската асамблеја од Стразбур оценува: „Тоа би било оправдано како стравување, ако во решението не се најде името Македонија. Но во моментов не постојат проблеми околу името Македонија, како име тоа е прифатено од Грците, но треба само да и се додаде нешто на името Македонија. Потребно е да се најде нешто кое ќе ја разликува земјата од регионот кој е многу поголем од земјата. “

 

Решението треба да го донесат двете земји

 

Сепак нашиот соговорник не се впушта подлабоко во неговите предлози за името, признавајќи и советувајќи:

 

„Тоа е чувствително прашање во двете земји, затоа треба да се најде решение. Јас сакам тоа да се направи, но не сум јас тој кој што ќе го направи тоа. Јас направив напори за да го разберам проблемот и во извештајот да ги пренесам позициите на двете страни. Сепак решението треба да го донесат двете земји, мислам дека тоа е најважно, не се ниту Советот на Европа, ниту ОН, ниту НАТО или пак ЕУ тие кои што ќе треба да го најдат името на Македонија, тоа е билатерално прашање.“ – завршува шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт.

Тони Гламчевски

DW-WORLD.DEПечатење

Тони Гламчевски | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.