На Германија и’ се потребни доселеници

Години и’ требаа на Германија да си признае дека е доселеничка земја. Сега се’ помалку луѓе доаѓаат, а се’ повеќе се отселуваат, што на долг рок може да стане сериозен проблем, со оглед на стареењето на населението.
Најновите бројки од извештајот на Сојузната влада во однос на миграцијата не даваат повод за славје. Правото за доселување во Германија, повеќепати реформирано во последно време, сега го покажува дејството што критичарите веќе го предвидоа: се’ помалку странци се доселуваат во Германија. Во 2006-та година само 23 илјади луѓе дојдоа повеќе во Германија во однос на оние што се отселија од неа. Сличен е трендот и во 2007-ма.
„Бројките потврдуваат дека нема премногу повод за драматизирање во некои насоки“ - вели сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле. Коалициониот партнер социјалдемократите и целата опозиција, напротив, сметаат дека е зрело времето за спротивставување на трендот. „Времето е зрело и затоа што според демографската прогноза, исто така содржана во овој извештај, ако не се потрудиме да го свртиме трендот, во 2050-та година ќе имаме за една четвртина помалку население“ - укажа социјалдемократот Ридигер Фајт. Без доселеници и старосната структура натамошно би се влошила
Пофалби за курсевите за интеграција, критики за јазичните тестови
Освен партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ, сите други го критикуваат спорниот тест за познавање на германскиот јазик, усвоен на залагање на министерот Шојбле. Поради него за 40 насто опадна доведувањето на членови на семејството во Германија, кај семејствата од Турција дури за 70 проценти. Усогласено позитивно сите партии ги оценија новите курсеви за интеграција. Прво во нив се учи германски јазик, а потоа има и курсеви за германската политика, општеството, и културата.
Може само да се посака на тие курсеви да учествуваат и 1,6 милиони возрасни и 150 илјади млади, кои веќе подолго живеат во Германија, вели Ридигер Фејт. За партиите на Унијата, пак, тежиштето и онака е врз дополнителна интеграција на 2-та и 3-та генерација на мигранти што живеат во Германија, а тука, според Шојбле, имало големи успеси.
►◄
Бернд Греслер | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.