DW-WORLD.DEПечатење

14.05.2008

Што со Србија по изборите?

Герт Вајскирхен, пратеник во Бундестагот и експерт за надворешно-политички прашања на СПД

За комбинаториките околу формирањето на новата владина коалиција во Белград, ДВ за мислење го праша Герт Вајскирхен, експерт за надворешна политика од собраниската група на социјалдемократската партија.

„Успехот на про-европските сили покажа дека српските граѓани се подготвени да го жртвуваат Косово на олтарот на европската иднина“ – коментираше белградскиот весник „Политика“ по предвремените парламентарни избори на викендот. Победата на про-европските сили околу Претседателот на државата Борис Тадиќ за многумина во земјата и во странство дојде како големо изненадување, дотолку повеќе што разликата во однос на Радикалната партија изнесуваше речиси 10%. Ја гледате ли Србија навистина на патот кон ЕУ?


Вајскирхен: Тоа сега зависи од фактот дали на оние кои го застапуваат мнозинството на српските граѓани, имено оние кои сакаат да влезат во ЕУ, ќе им појде од рака да создадат реално мнозинство во пратеничките клупи на новиот состав на Скупштината во Белград. Тоа е централното прашање! Реално гледано сега постои многу тесно мнозинство на блокот националистички сили, но и меѓу нив има такви пратеници кои со разумен пристап би можеле да се придобијат за демократскиот блок. Сега зависи од Претседателот Борис Тадиќ дали ќе успее да ги придобие тие пет-шест пратеници.


Можете ли поконкретно да објасните на кој начин би можело Тадиќ да ги придобие овие сили?


Вајскирхен: Во редовите на Демократската партија на Србија, значи партијата на поранешниот премиер Воислав Коштуница, има релативно силна група, која сака да се насочи кон ЕУ. Значи зависи од конкретните спогодби што би можеле да овозоможат оваа група да се одвои од партијата на Коштуница. Дали тоа навистина и ќе успее, тоа зависи од преговарачките способности на Тадиќ.


Ако тоа не му појде од рака и на крајот по коалиционите преговори сепак иден премиер стане некој политичар кој е критички настроен кон ЕУ, како Коштуница или лидерот на Радикалите Николиќ, дали и во тој случај може да се зборува за победа на силите ориентирани кон ЕУ?


Вајскирхен: Тоа е сепак политичка победа за нив, која на крајот на краиштата ќе води кон разнишување на тесното мнозинство на националистичките сили во парламентот во наредните месеци. Ова го велам затоа што Србија, односно мнозинството Срби многу добро знаат дека главната желба на избирачите, а тоа е подобар живот, може да се оствари само ако Србија стане членка на ЕУ.



Дали е можно Коштуница или Николиќ во улога на евентуален иден премиер да се свртат на курс кон, а не против ЕУ? Претседателот на Европскиот Парламент, Ханс Герт Петеринг, зборуваше и за таква можност. Дали е тоа реално или станува збор само за убави желби на Петеринг?


Вајскирхен: Видете, партијата на Коштуница ДСС му припаѓа на семејството христијанско-конзервативни партии и секако би било многу паметно доколку господинот Петеринг или на крајот на краиштата и канцеларката Ангела Меркел, како членови на германската сродна партија, би помогнале групата од партијата на Коштуница за која веќе зборувавме да се приближи до идејата да му даде поддршка на Тадиќ.


Тоа значи дека Вие би го сметале за успех евентуалното слабење на владата на Коштуница, доколку тој стане премиер?


Вајскирхен: Во моментов не гледам друга можност, затоа што останатите политички групации јасно се декларираа против ЕУ. Би морало да може тие тројца, четворица или петорица пратеници од партијата на Коштуница да се придобијат. Таа шанса постои сега и не гледам зошто да не се искористи.


Според Ваша проценка, што беше решавачко за релативната победа на про-европскиот сојуз на Тадиќ? Дали тоа беше Спогодбата за стабилизиација и асоцијација со Србија, што ЕУ ја потпиша неодамна?


Вајскирхен: Недвосмислено! Доколку тој договор беше потпишан уште една недела порано, што беше ставот и на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, тогаш пробивот ќе беше остварен и порано. Но, како што знаете една помала група европски земји беше нерешителна или дури се изјасни против таквиот чекор. Имавме на располагање само една недела, па дури ни не цела недела, за пресврт во општото мнение и тоа ни појде од рака или тукуречи ни појде од рака. Но, сега е побитно тоа што ваквиот тренд на промена во јавното мнение, што така јасно се исцрта на изборите, треба во наредните денови и недели да се отслика и во парламентарното мнозинство во новиот состав на Скупштината во Белград. Тоа впрочем го бара мнозинството на српските граѓани, како што покажаат изборните резултати.


Значи ли тоа дека акцент треба засилено да се стави на фактот што мнозинството на српското население повеќе се интересира за подобриот живот во ЕУ, отколку што се лути заради загубата на Косово?


Вајскирхен: Тоа е недвосмислено така, при што мора да се каже дека подобриот живот во ЕУ е цел. Нејзината реализација подразбира огромен напор и тоа го знаат сите земји кои ја остварија таа цел. Погледнете го примерот на Хрватска или на Полска и Чешка пред неа. Тоа значи дека доколку Србија сака да ја искористи оваа шанса, ќе мора драстично да го зголеми реформскиот притисок. Тоа е потежок процес, отколку земјата да остане таму каде што е и таква каква што е сега. Но, доколку се одвои од ЕУ и се изолира, тогаш посакуваната цел – имено подобриот живот – нема воопшто да може да се реализира!

Кристијан Шите

DW-WORLD.DEПечатење

Кристијан Шите | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.