Биодиверзитетот и Ваденско море

Разновидноста на биолошките видови е основа на нашиот живот, но и на целокупниот економски развој. Сепак, биодиверзитетот е значително загрозен.
Ваденското море, како специфичен дел од брегот на Северното море, во граничниот појас на Германија, Данска и Холандија е еден од примерите за ситуацијата во заштитените области
Ваденското море е најголемо мочуриште на светот, настанато како резултат на плимата и осеката. Се простира на повеќе од 10.000 квадратни километри, од кои речиси половина се покриени со тиња. Тоа важно за одмор на птиците преселници кои се собираат од речиси половина Арктички регион, од североисточниот дел на Канада до Сибир, вклучувајќи ги Скандинавија и Гренланд. Германија, Данска и Холандија, веќе триесет години работат на заеднички проект за заштита на оваа специфична област не само за птиците, туку и за други живи суштества. На почетокот на годинава беше предложено тоа да стане дел од културното светско наследство, под заштита на УНЕСКО.
Произведувачи на кислород
Младите волонтери честопати ги водат посетителите во прошетка низ околината. Доколку внимателно се погледне на самото тло, можат да се забележат воздушни меурчиња, еден вид кафеави топчиња на мекиот сив песок. Тоа е само еден пример за важните процеси кои се случуваат таму, објаснува водичот Лена Вебер: „Таму можете да најдете мали организми кои се нарекуваат диатомиа, а се видливи само под микроскоп. Може да се види и голема колонија растенија, кои постојано произведуваат кислород. Овој процес е многу важен за Ваденското море, бидејќи еден квадратен километар тло со диатомиа произведува кислород колку еден квадратен метар шума„
Доктор Ханс Улрих Реснер, задолжен за заштита на Ваденското море за неговото значење вели: „Доколку Ваденското море не постои, многу од овие птици едноставно би ги немало. За нив не е доволно да имаат само свеж арктички водух. Ним им е потребна оваа специфична станица, бидејќи не постои ниту едно такво слично место со толкава големина и изобилство од храна, како на пример крабите или црвите, кои им се потребни за далечните патувања„
Рибарењето е дополнителен ризик
Во Германија и Холандија оваа област е заштитена и претворена во национален парк. Данска дури неодамна го направи истото со нејзиниот дел. Сепак, Ваденското море е соочено и со многу опасности, како климатските промени, кои се причина за ерозија на тлото, но исто така и индустријата, која постојано бара да и се дозволи таму да истражува нафта: „Дополнителен ризик е рибарењето, поради кое на одредени видови на риби им се закнува исчезнување. Тоа мора да биде решено во иднина„ вели Реснер
Заштитата на Ваденското море од страна на УНЕСКО според Реснер можеби нема да ги промени заштитните мерки во легална смисла, но секако дека ќе придонесе за промени: „Ваденското море тогаш и официјално би било дел од светски најзначајните природни области, што мислам дека и го заслужува. Сигурен сум дека заштитата на УНЕСКО ќе помогне тоа и натаму да остане заштитена зона„
Оливија Мекграт | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.