Социјални прашања и промената на климата во фокусот

Самитот ЕУ - Латинска Америка се одржува денеска и утре во Лима, главниот град на Перу. Латинска Америка може да ги исполни милениумските цели на ОН - да го сузбие гладот и сиромаштијата до 2015-та година.
ЕУ и Латинска Америка на секои две години се среќаваат на највисоко ниво за да разговараат за меѓусебните врски и за глобални прашања. Последниот самит пред две години во Виена донесе шоу-ефект, пред се’ благодарение на венецуеланскиот претседател Хуго Чавез, но и сосем скромни конкретни резултати. Неизвесно е дали годинашниот ќе биде поуспешен отколку виенскиот.
Латинска Америка е регион со вкупно околу 500 милиони жители, што се протега од Мексико до Чиле, политички порадикално или поумерено свртен в лево, но од сите делови на светот најблизок на Европа според вредностите и демократските државни форми; регион со различни стопански и трговски сојузи кои меѓусебно си конкурираат, што отежнува конкретни преговори.
Ефикасна социјална политика - клучна за Латинска Америка
Во ЕУ, пак, во моментов конзервативни сили го диктират тонот. Унијата е многу заинтересирана за енергетските и суровински богатства на јужноамериканскиот континент, кого досега недозволено многу го запостави. Политички Латинска Америка и’ е потребна на Европа во барањето решенија за многу глобални проблеми.
На самитот пред се’ ќе се зборува за социјални прашања и за промената на климата. Во Латинска Америка треба да бидат исполнети милениумските цели на ОН за преполовување на сиромаштијата и гладот до 2015-та година, вели Бенита Фереро-Валднер, еврокомесар за надворешни односи: „Во Лима ќе дискутираме за спроведување на концептите за ефикасна социјална политика, која ќе доведе до тоа никој веќе да не гладува, секој да ужива здравствена заштита, секое дете да посетува основно училиште и секој да има чиста вода за пиење. За тоа мора да бидат создадени повеќе работни места и многу други нешта“.
Парите од енергенсите да се инвестираат во земјоделството
ЕУ финансира многу развојни проекти во Латинска Америка, која според еврокомесарот за трговија Питер Менделсон, има вистинска шанса да ја совлада екстремната сиромаштија - стопанството бележи силен пораст, главно поради високите цени на енергенсите што ги извезува. Парите сега мора да се насочат во сектори како земјоделството, смета Менделсон.
„Латинска Америка го почувствува порастот не цените на храната како и сите други. Се надевам дека на самитот ќе можеме да најдеме заеднички одговори што се однесува на помошта во храна за сиромашните и порастот на производството во земјоделството во земјите во развој. Мораме да ги држиме отворени и достапни пазарите за земјоделски производи, за селаните да го произведуваат она што се бара, и храната да стигне таму, каде што има потреба од неа“, рече еврокомесарот.
Нужна е соработка во заштитата на климата
Менделсон гледа шанса за постигнување согласност во спорот со Бразил, еден од најголемите аграрни произведувачи во светот, околу укинување на субвенциите во земјоделството во Унијата и отворање на пазарите. Трговски договор со ЕУ би и’ отворил нови извозни шанси на Латинска Америка и би ја намалил нејзината зависност од САД како традиционален извозен пазар.
На самитот во Лима ЕУ ќе врши притисок латино-американските држави повеќе да се ангажират за заштита на климата и да престанат со расчистување на прашумите за да се добие земјоделска површина. Обата континента мораат да осознаат дека кај заштитата на климата мора да соработуваат, бара еврокомесарот Фереро-Валднер.
►◄
Бернд Ригерт | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.