Како го дочекува Германија Далај Лама?

Денешниот печат се занимава со ставот на владата на канцеларката Ангела Меркел кон духовниот поглавар на Тибет Далај Лама, кој престојува во посета на Германија.
„Ноје пресе“ од Хановер го коментира фактот што овој пат од целата влада само Министерката за развојна помош Хајдемари Вичорек Цојл ќе се сретне со Далај Лама, па вели:
„Во последна минута се најде барем Министерката за развојна помош, која е подготвена на дијалог со Далај Лама. Ова не наликува на величенствен дочек. Притисокот од Пекинг по средбата на Далај Лама со канцеларката Ангела Меркел есента 2007-ма се чини вродил со плод. При тоа мора да се каже дека она што го бара Далај Лама не е државност, туку религиозна и културна автономија за Тибет. Но, кинеското раководство е подготвено да го згази и едното и другото“ – оценува „Ноје пресе“.
„Ноје оснабрикер цајтунг“ има поинакво мислење:
„Паметно е што шефот на дипломатијата Штајнмајер се откажа од средба со Далај Лама. На тој начин останува контактот со моќниот Пекинг. Тоа сигурно повеќе ќе им користи на човековите права во Кина, отколку нов политички скандал, како оној по приемот на Далај Лама од страна на каценарлаката Меркел минатата година. Впрочем со таа средба јавно беше демонстриран ставот на германската влада кон човековите права во светот и не мора сега во секоја прилика да се потврдува. Од таа гледна точка најавената средба на министерката за развојна помош со тибетанскиот поглавар делува како половичен и со тоа излишен чекор.“
„Зидојче цајтунг“ има и конкретен предлог за однесувањето на германската влада кон Кина:
„Бидејќи Кина се отвора и Олимписките игри ионака носат зголемен притисок врз раководството во Пекинг, постои можност за постигнување напредок на политички план. Германската политика може да го даде својот придонес на тој начин што од една страна ќе ги натера тибетанската влада и Далај Лама на поголема конкретност, а од друга ќе бара отстапки од Пекинг. При тоа треба да ги прекине површните политики борби, кои до сега беа поврзани со секоја посета на Далај Лама на Германија“ – советува „Зидојче цајтунг“.
Горан Чутаноски | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.