Кој е навистина опасен за германската безбедност?

Денешните весници се осврнуваат на годишниот извештај за безбедносната ситуација во Германија.
„Швебише цајтунг“ коментира на следниот начин:
„Во извштајот се спомнуваат вообичаените категории сомнителни лица како десно-екстремисти, леви екстремисти, исламисти. Тие заедно со криминалците го сочинуваат вообичаениот талог на општеството, со кој тоа мора некако да живее. Но, ако подобро се погледне зад овие студени бројки, во извештајот има и нешто специјално. Имено, фактот дека Службата за заштита на уставот ја набљудувала Партијата на новата левица. И веднаш се поставува прашањето: смее ли да се стави под лупа на тајните служби политичка партија која моментално бележи растеж ширум Германија?“
„Франкфуртер алгемајне“ застапува спротивна позиција:
„Патријата на левицата би направила многу подобро кога наместо да се жали на ваквата постапка на тајните служби би ги довела во склад со демократскиот поредок нејзините прокламирани цели, на пример демократскиот социјализам. Се’ додека демократски е само придавка за социјализам, таа и треба да биде под надзор. Ако еден ден партијата на левицата се реши да застапува 'социјална демократија' и тоа како заедничка цел на сите нејзини фракции, тогаш постојаното набљудување нема да биде повеќе неопходно.“
„Тирингер алгемајне“ на проблемот гледа поинаку:
„Извештајот за безбедноста дава извитоперена слика. Партијата на левицата да се стави под надзор заради некоја помала фракција во нејзините редови, кога целата партија има 53 пратеници во сојузниот парламент не звучи многу разумно. А кога згора на тоа надлежниот министер за внатрешни работи се изјаснува против поведување постапка за забрана на неонацистичката партија НПД – е тогаш целиот извештај станува тешко сварлив за здравиот разум. Последиците од таквиот став се веќе фатални: НПД тукуречи добива поттик да се шири понатаму преку спортските клубови, граѓанските иницијативи и како бранител на примателите на социјална помош. И сето тоа иако никој не верува дека оваа партија е споива со нашиот уставен поредок.“
И „Везер курир“ е на слично мислење - со следната аргументација:
„Си посакуваме Министерот за внатрешни да вложеше повеќе енергија и труд да собере јасни докази за противуставните активности на НПД за да ги зголеми шансите за нејзина забрана. Опасноста од изигрување на правната држава од десниот политички спектар е реална. Таа и се случува секојдневно, среде општеството, во училишните дворови – сето под параванот на легалноста!“ – смета „Везер курир“.
Горан Чутаноски | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.