DW-WORLD.DEПечатење

01.07.2008

Гласот на изгладнетиот град

Од изложбата на фотографот Хенри Рис во Германскиот историски музеј

Фотографиите на Хенри Рис од 1948-49-та кои ја бележат горката реалност во западен Берлин под целосна советска блокада се дел од колективното сеќавање на светот и на Германците за страдањата на Берлинчани.

Во Германија минатата недела беше одбележана 60 годишнината од почетокот на т.н  Воздушен мост кој го спроведуваа западните сојузници, за да ги снабдат со основните прехранбени производи жителите на западен Берлин кој се наоѓаше под советска блокада. Стануваше збор за најголемата и најзначајна хуманитарна воздушна  операција во историјата.

Сликите од периодот јуни 1948 - мај 1949 на многумина во Берлин и во Германија им се длабоко врежани во сеќавањето. Во тоа многу придонесе и американскиот фотограф со потекло од Берлин Хенри Рис,кој со својот апарат го бележеше секојдневието во опколениот и изгладнет град. Во Германскиот историски музеј деновиве може да се видат токму тие фотографии во рамките на изложбата посветена на јубилејот од Воздушниот мост.

Фотографии-симбол за една сложена историска ситуација

Авионот со дебел труп  кој Берлинчани од љубов го нарекуваа Розиненбомбер  или „авион кој наместо бомби исфрла зрна грозје“   срдечно го дочекува група деца за време на слетувањето на аеродромот Темпелхоф во Берлин. Оваа слика може да се најде во речиси сите училишни учебници и таа стана симбол за една сложена историска ситуација. Фотографијата ја сними фоторепортерот Хенри Рис , американски Евреин од германско потекло , кој од 1947 до 1951 година работеше за Њујорк Тајмс во Европа.  Тој во тие 11 месеци на блокада се обиде да му ги приближи на светот Берлин и неговите граѓани:

„Тој е гласот на тогашен Берлин . Тој го фотографираше Берлин и тие слики ги праќаше во светот- вели Дитер Форштеер одговорен за  колекцијата на Германскиот историски музеј.

Рис ја отсликуваше реалноста во својот роден град

Хенри Рис имаше посебен однос кон разурнатиот град кој беше отсечен од остатокот на светот . Во овој град во 1917 година  тој беше  роден како  Хајнц Рис  , тука израсна и во 1937 година избега во Њујорк . Осум години подоцна  во август 1945 година тој се врати во Европа како војник и потоа остана  како новинар и фотограф , среќавајќи се со Германија и Германците  со поделени чуства:

„Откако се врати во Берлин , го преокупираше прашањето : Кои се овие луѓе кои ги среќавам овде? Се прашуваше дали се тоа оние кои ја вртеле главата , кои знаеле или пак биле и соучесници во прогоните на Евреите“- додава Форштеер.

Рис бил потресен од сликите на разурнатиот град кој едвам го препознал, но и воодушевен од вољата на луѓето за преживување. Поради тоа тој го фотографирал не само празното и мрачно море на урнатини , туку укажувал и на повторно заживеаното секојдневие. Фотографирал деца кои си играат во урнатините , продавачи на пазарите  кои нудат зеленчук , лулиња или услуги како поправање на чевли:

„Тој успеа со својата уметност да ја отслика реалноста, која ја прошири и на другите медиуми како репортажите и извештаите. Едноставно тој ни покажува црно-бели слики на Студената војна“ - вели Ханс Отомајер, директор на Германскиот историски музеј .

Воздушниот мост-почеток на трансатлантското пријателство

По советската блокада  и покрај пратките на западните сојузници по пат на Воздушниот мост, секојдневието во Берлин беше се потешко. Недостасуваше храна и гориво а ритамот на секодневието го одредуваа прекините на струја.  Рис сето тоа го фотографираше : аеродромите Гатоу  и Темпелхоф на кои секои пет минути слетуваа и полетуваа авиони , истоварувањето , складирањето и распределбата на помошта , чекањето на пилотот во магливите денови на декември 1948 година како и падот на еден авион за превезување на помошта во Фриденау кај Берлин.

Мислењето за Американците за време на блокадата се менуваше , но и обратно.  Дојде до зближување на Германците и Американците. Воздушниот мост  не беше само американска приказна на успех , туку и почеток на транс-атлантското пријателство. Фотографијата на Хенри Рис која го прикажува слетувањето на авион за превоз на помош на аеродром во западен Берлин до денешен ден го симболизира тоа пријателство.

DW-WORLD.DEПечатење

| www.dw-world.de | © Deutsche Welle.