Цигари „нe“, марихуана „дa“?

Во Холандија стапи на сила законот за забрана за пушење во кафулиња и ресторани. Но, како ќе се регулира забраната во кофи шоповите во кои се уште е дозволена консумација на лесни дроги?Во земјата се разви голема дебата.
Забрана за пушење во ресторани и кафулиња - ова одамна е реалност во многу европски земји. Ваков закон сега стапува на сила и во Холандија. Но, тој во земјата поттикна една поинаква дебата - дали забраната ќе важи и за над 700 кофи шопови? Во нив и понатаму легално се продаваат и се конзумираат лесни дроги, како марихуана. Пол Вилхелм, сопственик на ваков кофи шоп, смета дека е апсурдно да воведе забрана за пушење во локалот.
„Тоа е исто како да одиш на базен, а забрането ти е да се капиш, или да одиш во црква, а забрането ти е да се молиш. Е исто е да влезеш во кофи шоп, а да не смееш да пушиш.“
Дозволен е само „чист“ џоинт
Законот за забрана на пушење во Холандија донесе и една парадоксална ситуација. Со него во угостителските локали се забранува пушењето цигари, но не и консумацијата на лесни дроги. Оној којшто во својот џоинт има само марихуана, без примеси на тутун може да си пуши без проблем. Тоа е уште еден апсурд, смета Вилхелм.
„Тоа е исто како во кафуле да не смееш да пиеш пиво, но смееш да се напиеш водка или виски, што се посилни алкохолни пијалоци“.
При тоа обичните луѓе тешко можат да проценат дали некој пуши чист џоинт или мешавина од марихуана и тутун, што им создава дополнителен проблем на сопствениците на ваквите локали. Затоа очекуваат властите, барем во прво време, да не бидат строги во спроведувањето на законот.
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Полициски инспектор во разговор со турист што пуши марихуанаИнаку законот предвидува кофи шоповите и рестораните, да можат да одвојат посебни простории за пушачите. Но, во помалите локали нема место за такво нешто.
Законот може да ги смени навиките
Марк Џејкобс, сопственик на кофи шоп и претседател на здружението на сопственици на кофи шопови во Амстердам, предупредува дека новиот закон би можел да ги промени навиките не само на Холанѓаните кои пушат марихуана, туку и на над еден милион туристи коишто годишно, само поради тоа доаѓаат во Амстердам.
„Луѓето ќе пушат џоинт на други места. На улица, во парк или дома. Само ќе се смени местото на кое се консумираат лесни дроги. Ние ја предупредивме и владата од вакво нешто“. Холандскиот министер за здравство најави дека на почетокот на 2009 година ќе направи студија во која ќе се истражи дали има промена на навиките, и какви последици ќе има законот врз кофи шоповите. Исто така ќе се утврди и дали е зголемено пушењето на чисти лесни дроги. Експертите, пак, сметаат дека може да биде опасно евентуалното затворање на кофи шоповите и уживањето на лесни дроги на други места. Се стравува дека младите луѓе, лесните дроги ќе ги купуваат од улични дилери, кои потоа би ги навлекувале на тешки дроги.
Фредерик Хартиг | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.