Еутаназија - помош или убиство?

Рогер Куш, поранешен сенатор за правда во Хамбург, успеа во намерата да испровоцира дебата во Германија за една многу чувствителна тема - еутаназија. Укажување активна помош за доброволна смрт е забрането во Германија.
На почетокот од неделава екс-сенаторот Куш објави видео-снимка на која самиот и’ помага на една жена да им стави крај на маките одземајќи си го животот. Весниците го изедначија Куш со убиец, лекарските здруженија се побунија, реагира политиката. „Јас сум апсолутно против секоја форма на активна еутаназија“ - се огласи канцеларот Ангела Меркел. „Со оглед на случајов, неопходно е уште еднаш да се проверат сите дополнителни правни мерки што можеби мора да бидат преземени. Сметам дека треба цврсто да останеме на позицијата што ја застапуваат и партиите на Унијата - дека не смее да биде дадена никаква активна помош некому да стави крај на животот“ - рече Меркел.
Она што е забрането во Германија, е дозволено во соседството
Активна помош кај еутаназијата е забранета во Германија и се казнува до пет години затвор. Куш нема да биде гонет, оти помогнал пасивно - набавил отров, но излегол од собата кога жената го испила. Индиректна помош не е казнива, ако е по волја на пациентот.
Поради законската ситуација овде, Германци кои сакаат да си ги скратат маките бараат услуга пред се’ во Швајцарија, но активна еутаназија не е забранета ни во Холандија, Белгија и Луксембург. Рогер Куш вели: „Со години анкетите укажуваат дека 75 насто од населението е за активна еутаназија. Оттука, вчудовиден сум дека политичарите, кои си даваат за право во оваа тема да застапуваат категорични ставови, барем еднаш не вклучиле швајцарска, холандска или луксембуршка телевизија“.
Заострување или либерализација на законската регулатива?
Во случајов со провокацијата од Куш скепса предизвикува дека него го сметаат за десен популист и саморекламер. Тој формира здружение за еутаназија и дури претстави автомат за самоубиства, што самиот го конструирал.
Конзервативни политичари од ЦДУ/ЦСУ се против организирана еутаназија и сакаат да се забрани и професионално организирана пасивна еутаназија. Но, се множат и гласови за полиберална регулатива, посебно за тешко болни, кои страдаат и од неиздржливи болки. „Очигледно постои потреба за такви активности кај лица кои се во неволја. Би било доволно ако засилено бидат контролирани установи кои нудат такво нешто“ - вели претседателот на Германскиот етички совет и поранешен министер за правда Ецард Шмит-Јорцих.
Ниеден политичар не пропушта да укаже дека секогаш на прво место е обидот лицето да се одврати од намерата да си го одземе животот. Рогер Куш не го стори тоа во слуачјот со 79-годишната жена.
►◄
Клаус Хеслинг | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.