DW-WORLD.DEПечатење

04.07.2008

Младите учат демократија во Советот на Европа

Стразбур

Во Стразбур по третпат се оддржа Летен универзитет за демократија на Советот на Европа. Учествуваа повеќе од 600 млади од 16 земји, меѓу нив и претставници од Македонската школа за политика.

Учесниците на Летниот универзитет за демократија се разделија откако претходно ја усвоија заедничката декларација, во која се потврдува нивното ангажирање да ги промовираат фундаменталните вредности на Советот на Европа: плуралистичката демократија, заштитата на правата и достоинството на човекот - во што се подразбираат и правата на малцинствата, почитување на различностите и промовирање на правната држава.

Обука на младите

Советот на Европа не крие дека амбициите на Летниот универзитет за демократија е да ги „обучи“ новите генерации на политичари, економисти, социјални и културни работници од „младите демократии“.

„Ова е голем придонес, 600 лица да имаат можност да дојдат во Стразбур и да престојуваат тука една недела, за да разменат мислења, да дискутираат. Квалитетот на дебатите покажува дека неделата беше богата и плодна. Мислам дека учесниците научија многу, единствено можеме да жалиме што дојдоа само 600, а не 60 000 или 6 милиони.“ – ни рече швајцарскиот парламентарец Андреас Грос потпретседателот на Парламентарното Собрание  на Советот на Европа, кој имаше можност да дебатира со учесниците на Универзитетот.

Европските институции на дофат

За Ана Василевска од Македонската школа за политика, доаѓањето во Стразбур беше повеќе од полезно.

„Тоа мислење го делат и сите учесници во групата, горе долу. Пред се поради моментот што никој од нас овде немал прилика да зачекори во овие институции како што се Европскиот парламент, Советот на Европа, Судот за човекови права во Стразбур и едноставно кога ги гледаме на медиумите тие ни изгледаат херметични и недостижни. Сега искуството е поинакво, едноставно разбравме дека се чувствуваме како дел од Европа и без друго сме дел од Европа.“

Учесниците имаат капацитет за решавање на идните политички предизвици

Учесниците од Македонија се млади на возраст до 40 години и доаѓаат од различни политички, професионални и социјални хоризонти.

„Важно е дека оваа група покажа и докажа уште еднаш дека хомогеноста и интерактивноста меѓу образовани возрасни луѓе, кои веќе имаат формирано свои ставови, кои не се плашат да го прифатат туѓото, кои не се плашат да зачекорат и прифатат нешто што е нови и што доаѓа одстрана од другиот, докажа дека едноставно проблемот е во едуцираноста.“ – ни рече Ана Василевска.

Доаѓањето во Стразбур и заедничката работа со слушателите на политичките школи од другите земји покрај крунисувањето на бројните активности во секоја земја посебно е прилика да се договорат нови активности со школите од регионот.

Промоција на обединета Европа

За таа цел во Стразбур беше лансирана и европската асоцијација на политичките школи во присуство на поранешниот генерален секретар на Советот на Европа Катрин Лалумиер. „Почувствував вистински емоции на радост кога ги видов сите млади, тоа ми причинува вистинско задоволство, бидејќи тие се многу мотивирани, нивните дискусии покажаа дека се интелегентни, дека ги разбираат тешкотиите со кои се среќаваат во нивните земји. Тие покажаа големи капацитети за анлаиза и волја да напреднат на патот на вистинската демократија. Тоа може само да не охрабри.“ – оцени за Радио Дојче Веле Катрин Лалумиер.

Пред да заминат од Стразбур Учесниците на Летниот  Универзитет на Совето на Европа, кои доаѓаат од 16 земји од Источна и Југоисточна Европа, потсетија дека нивната цел е паневропското единство, како претставници на последната генерација која живеела во поделена Европа. Затоа тие ветија дека ќе се ангажираат да ја промовираат изградбата на обединета Европа.

Тони Гламчевски

DW-WORLD.DEПечатење

Тони Гламчевски | www.dw-world.de | © Deutsche Welle.